Мицкоски од Чаир: Доста беа неправди, овој народ е уморен од криминалци

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на предизборен собир во скопската општина Чаир рече дека граѓаните на Република Македонија секогаш се на дното на приоритетите на Зоран Заев и на оваа влада предводена од СДСМ затоа што нему, како што рече,  поважни му се „лични агенди кои е одлучен да ги турка на сметка на честа и достоинството на граѓаните без разлика на етничките и верските различности“.

Наброи четири чекори кои, според него, се матрица на владеењето на СДСМ – лаги, национално понижување, криминал и, како што рече, „масовна пљачка“ и заробено обвинителство и судство.

-Обвинителството е заробено за да се пресметаат со политичките неистомисленици, противници. А, судството за да можат да се амнестираат за некоја неправда направена од минатото, рече Мицкоски, кој на собирот во Чаир беше заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во Втората изборна единица, Владо Мисајловски.

Мицкоски нагласи дека СДСМ не се грижи како живеат македонските граѓани зашто поважни им се личните интереси и дека со лаги ги придобива симпатиите на гласачите за да управуваат со владата иако, како што рече, „за волја на вистината веќе 18 години СДСМ нема победено на парламентарни избори“.

-Јас ви ветувам дека во првите 100 дена секој оној кој што се огрешил пред законот, осрамотил пред граѓаните, без разлика дали е политички определен или неопределен на онаа или оваа политичка партија ќе одговара. Од прв до последен. Доста беше неправди, овој народ е уморен од криминалци, од натрапници во политиката, рече Мицкоски и порача дека на 15 јули ќе победи обновата и ќе дојдат, како што рече, најдобрите четири години за Република Македонија.

Носителот на листата во ИЕ2 Владо Мисајловски им се заблагодари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ – Општински комитет Чаир за досегашната поддршка и за сиот ангажман во годините наназад, заклучувајќи дека теренските активности во  Чаир укажуваат  дека Македонците таму „се чувствуваат како граѓани од втор ред“, а тоа, рече, „не смее да биде така“.

Поврзани новости