Никој нема право да очекува дека оваа влада безусловно ќе направи измени во уставот на земјата, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Според него, разговорот со претседателката на ЕК, Урсула фон ден Лајен, која завчера беше во Македонија во рамките на нејзината балканска турнеја, бил пријателски, а темите што ги разговарале биле многубројни.
Тој во емисијата „Само интервју“ истакна дека „никој не живее под илузии“ и добро знае дека промените на уставот – вклучувањето на Бугарите во Преамбулата, се услов за отворање на преговарачките кластери, но додека е премиер, „уставните промени нема да се случат без јасно исполнување на обврските на источниот сосед, како и конкретни гаранции од Европската Унија“.
„Никој нема право, ниту е фер да очекува дека оваа влада безусловно ќе го стори ова, ниту пак Владата има намера да го стори тоа додека јас сум премиер. Ова мора да биде јасно, го кажав многу пати, бараме доследно почитување на меѓународното право, а и нашиот источен сосед има обврски. Сакаме и гаранции. И ако ЕУ навистина сака да ја види Македонија во свое друштво, барем малку од она што го прави за некои други земји, ќе го направи и за нас. И ова е јасен став“, рече Мицкоски.