Опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител, да престане со политичкиот реваншизам кон вработените во администрацијата, да се расчисти случајот со прислушувањето, но и да се откријат сите инволвирани во случајот „Рекет“, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест.
-Ветуваат правда, а четири години живееме на „ќе“. Оние за кои Заев велеше дека се криминалци денеска гледаме се најблиску до него. Тие мислат дека народот е аквариумска рипка и секој момент е ново доживување. Одбиваме да ги потрошиме нашите животи на чекање. Не може да има правда во Македонија, ако не се знае кој дал наредба да се прислушуваат илјадници граѓани во земјава. Не може да има правда ако не се знае кој е вклучен во „Рекет“ и да ако не се направи форензичка проверка на телефонот на Бојан Јовановски – рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ вечерашниот петти по ред тематски протест го започна пред Министерството за правда. Првиот протест по формирањето на новата влада опозицијата го започна на 9 септември. Со марш од пред Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика, партијата протестираше против поскапувањето на струјата.