„Сакам да порачам нема лева или десна, постои само една Македонија! Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство“ изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговиот говор при денешната свечена церемонија во црквата Св. Софија, по повод одбележување на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј.
Мицкоски истакна дека не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме.
– Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом – нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека ние Македонците ја имаме оваа, наша, држава за којашто нашите предци се бореле, крвавеле, гинеле.
– Оваа држава оставена во наш аманет. Оваа држава каде растат нашите деца. Македонија којашто е наш дом. Ние ја чувствуваме Македонија како наш дом и затоа го штитиме овој дом. Никој не може да ја сака оваа држава повеќе од нас Македонците. И затоа ние ќе направиме се оваа држава да успее. Да не се предаваме пред умирањето на надежта, да не се откажуваме лесно од она што е наше, да се бориме да направиме достојна држава за живеење за секој во Македонија. Бидејќи Македонија за сите, Македонија за сите граѓани, мора да биде реалност – изјави Мицкоски.
Тој додаде немаме друг избор, изборот е едноставен или ќе направиме држава каде ќе се цени квалитет, чесност, каде ќе има систем што сега не постои, или ќе имаме постојано порази на сите полиња и не смее да има граѓани од прв и втор ред, не смее некој да игра со нашата судбина, потенцираше Мицкоски.