Се огласи лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, по тврдењата од СДСМ дека бил виден во Будимпешта, каде се наоѓа и пребеганиот екс премиер, осудениот Никола Груевски. Мицкоски сепак не дава одговор на поставените прашања од СДСМ дали во Будимпешта се видел со Груевски.
„Штотуку дојдов во Струмица, вечер ќе присуствувам на трибина и разговор со граѓаните. Кажувам за да не ме мислат роднините и пријателите на премиерот, нека одмори бентлито на власта, бидејќи ќе му претстои напорна работа зошто ние ќе ја обиколиме цела Македонија, секој град, село, маало и улица посветени на ширењето на вистината, борбата за правда и вербата во вредности. За Македонија!“, напиша Мицкоски на фејсбук.
Во врска со тврдењата од СДСМ, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение дека Мицкоски транзитирал низ Будимпешта, откако претходно бил во приватна посета во Виена. Тие не го открија карактерот на посетата.