Мицкоски не знае која е таа опозициска партија која го следи Стево Пендаровски

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, да одговори која е таа опозициска партија чии разузнавачи служби го следат. Во вчерашното гостување во „Отворено“ на ТВ Алфа, Мицкоски рече дека Пендаровски само изигрувал жртва со неговата изјава дека е следен од членови на партија, алудирјќи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Не знам која е таа опозициска партија. Ако претендира да биде претседател на сите граѓани, добро е да ни даде одговор која е таа опозициска партија и која е таа странска служба. Јака му душа на Оливер Спасовски со сите овие небулози и префрлања на топка во неговиот двор, имајќи ги предвид неговите капацитети, но ако прифатил да биде тепихот под кои ќе се буткаат овие небулози, не можам да се мешам – рече Мицкоски коментирајќи ги изјавите дека МВР ќе ги испита тврдењата на Пендаровски.

Инаку, Пендаровски претходно изјави дека го следат структури поврзани со претходниот режим.

-Во последните десетина дена излегоа најмалку три фотографии од непознати профили на социјалните мрежи од тоа каде се движам. Не станува збор за папараци. Тоа првпат го чувствувам на своја кожа. Во минатото сме биле и прислушувани, но физичко следење немам почувствувано на своја кожа. Недозволено е рецидиви од претходниот режим поврзани со претходната власт, сега опозициската партија, да ги следат луѓето од сегашната власт. Очекувам надлежните ова да го испитаат. Можеме да се сомневаме дали тоа се само домашни структури или се поврзани со некого од надвор со некоја друга држава, но факт е дека јадрото на луѓето се домашни државјани и не и сакаат добро на државата – рече Пендаровски.

Неодамна, пак, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, објави дека МВР располага со извештаи на структури од ВМРО ДПМНЕ кои следат јавни личности, пратеници, политички противници, свои сопартијци, па дури и припадници на МПЦ. Како што објасни Спасовски извештаите му биле доставувани на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, а во нив имало информации за средби, проценки и анализи за внатрепартиски и други политички случувања.

Поврзани новости