Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не прифаќа ТВ дуел со кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски и порача дека Пендаровски откако ќе ги изгуби изборите ќе треба да ја добие довербата на делегатите на СДСМ за претседател на партијата, па после да бара дуел.
-Јас немам проблем од дуели и дебати, но за да Стево ја добие таа чест да имаме дуел и дебата, најпрвин треба откако ќе ги изгуби изборите на 8 мај, да ја добие довербата на делегатите од СДСМ и да стане претседател на СДСМ, а СДСМ најголема опозициска партија, што се сомневам дека ќе биде после овие избори на 8 мај и тука повторно да излаже, затоа што нели рече еднаш дека ако не е претседател, тогаш и тој ќе се исели од Македонија. Сега и тоа ќе го излаже, ама добро еве ќе му простиме бидејќи е претседател во најава во СДСМ и тој тогаш може да седнеме и да дебатира со идниот премиер на Македонија и да зборува каква е состојбата во Македонија, рече Мицкоски од митингот во Струмица.
Тој бара Пендаровски да и се извини и на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова за навредите што ги упатил кон неа
-Сега Стево Пендаровски што треба да направи за да дојде до таа чест и таа улога? Најпрвин треба да престане да изигрува балкански мачо маж, да навредува дама со голем кредибилитет, со голем авторитет како што е професорката Гордана Силјановска Давкова, да кажува дека не ја видел и да се извини. Треба да излезе и да се извини за тоа што се служи со навреди, а потоа наместо да биде маж којшто навредува дама, да престане да биде измеќари на Артан, Али и останатите. Барем по нешто паметно да го запаметиме овие 5 години и да престане да биде слуга на Али и да коленичи во Мала Речица, истакна Мицкоски.