Мицкоски да и набави џи-пи-ес на Силјановска, му порача Пендаровски

by fokus

Ќе го победиме Мицкоски во првиот круг, ќе нема потреба од втор круг, порача вечерва на митинг во Кавадарци претседателскиот кандидат Стево Пендаровски поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ.

-Слушнав денеска дека ме критикувал за она во Делчево, дека сум им рекол да победиме во прв круг, не сум сакал да ги видам во втор круг. Не ме разбира, освен што не разбира шега. Јас му велам ние ќе го победиме во прв круг, ќе нема втор круг, рече Пендаровски.

Тој му порача на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, како што рече, да набави џи-пи-ес за кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

– Кандидатката на Мицкоски за претседател, не си ја знае земјата. Да не ве враќам на сцени од пред пет години, изјави Пендаровски, алудирајќи на настанот од претходните избори, кога таа го згреши името на градот, обраќајќи се пред присутни граѓани на Тиквешијата, во рамки на тогашната изборна кампања.

Пендаровски одговараше на прашања од присутните на митингот и ги искоментира обвинувањата од Мицкоски, дека не си ја знаел земјата.

Точно 80 илјади километри поминав во изминатите пет години со моите соработници. Не постои ниту една општина, ниту едно населено место каде не сум бил. А во мојот кабинет, отворен за секого, 4 500 луѓе влегоа. Кабинетот не смее да биде изолиран само за елита, одговори тој.

На прашање, околу шпекулации од страна на опозицијата по социјалните мрежи, дека ќе го бојкотира вториот круг, Пендаровски рече дека ваквите шпекулации биле откако Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ виделе колку граѓаните се присутни на настаните што ги организира СДСМ, во рамките на кампањата.

– Им стана јасно дека атмосферата полека се менува, особено во однос на оние фалсификувани анкети што ги прави државната телевизија што ја третираат како приватна, партиска. Во неколку разговори со високи дипломатски претставници во Скопје, тој самиот го најавува тој бојкот. Го нарекува тивок бојкот, велејќи, битно е да видиме што ќе правиме на парламентарните избори, а за претседател може и да пропаднат. Затоа што му е јасно, дека таму работата е завршена уште пред осми мај, подвлече Пендаровски.

Поврзани новости