Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски попладнево напиша статус на својот Фејсбук профил во кој објаснува каква иднина на Македонија и посакува. Во неговото обраќање не спомнува ништо за тоа како ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ на референдумот за Договорот со Грција.
-Драги загрижени сеачи на магла, јас можам да Ве разберам, Ви наредиле и силно Ве платиле капитулацијата да ја прикажувате како триумф, лагата како вистина, а неспособноста и немањето план како иднина или изолација…, е па еве ќе Ви одговорам:
Јас сум за иднина, иднина во која Македонија ќе ја водат принципиелни, чесни и од збор луѓе, а не аболицирани политичари, иднина во која политичарите што бараат мито ќе одат во затвор, иднина во која брат политичар на брата бизнисмен нема да му дава за бадијала парцели, милиони да млати на грбот на граѓаните, иднина во која нема да бидеме на дното на економскиот раст, реформите во судството, образованието, здравството и социјалата, иднина во која криминалците нема да се амнестираат и позираат гордо сликани со политичарите од власт, иднина во која нема да се проституираме како народ и држава затоа што уценети и неспособни политичари се во владата, иднина во која нема министрите да си делат грантови и тендери на шибицарски начин, а премиерот ќе им прости со стерилно образложение дека немало да ги смени затоа што немал со кого да работи, иднина во која моите студенти наместо да се збогуваат со мене после одбраната на дипломската работа ќе ме консултираат во која фабрика и кое работно место ќе го прифатат овде во нивната татковина, иднина во која нема мојата татковина да биде рекордер по бројот на мртви новороденчиња во Европа, иднина во која со моите синови гордо ќе ги читаме историските читанки и ќе си спомнуваме за херојските подвизи на Гоце, Даме, Јане, илинденците, Панко, Ченто, Павел, партизаните, но и на тие пред нив и тие после нив, а нема да “шупотеме” тивко затоа што некој сакал да не направи дрво без корен, народ без минато и традиција, држава без историја. Можам уште долго да пишувам за каква иднина работам јас и каква ја гледам иднината на мојата татковина, но тоа е битката на мојата генерација да Ве порази Вас платениците и остатоците од транзицијата за да може да и се раздени на мојата Македонија, за да биде повторно достоинствена, пишува Мицкоски.