Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека од Извршниот и Централниот комитет ќе побара поддршка за партијата да поднесе претставка до Уставниот суд со која ќе ги оспори измените на Законот за патни исправи од 2021 година.
Со претставката до Уставниот суд, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара да се стави времена мерка на овие законски измени, односно тие да не бидат во сила сè до следното одлучување за нивната уставност, а со тоа практично да се пролонгира рокот за издавање на пасошите со новото уставно име.
„Доколку Уставниот суд е експресен, како што видовме во минатото, тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка. Еве, да не се сведе тоа на партиско-политичка преписка во парламентот, Уставниот суд кој е одговорен за Уставот да донесе времена мерка вон сила сè до следно негово одлучување за уставноста на Законот и на тој начин другиот ден ќе нема редици такви какви што има“, изјави Мицкоски.
Другата опција, според Мицкоски, е во парламентот да се донесе закон со кој ќе се продолжи рокот за издавање на документите со новото уставно име на државата. Тој нагласи дека проблемот кој настана со издавањето на новите лични документи, лежи во фактичката неможност и недоволниот капацитет на МВР за да може во брз рок да издаде над два милиони пасоши.
„Имате два апарата кои работат од 7 до 10 часа на ден, секој од нив има капацитет од 120 пасоши на час или, пак, ако тоа го сведеме во континуирана работа без прекин, вие можете годишно максимум до половина милион патни исправи да промените. И тоа во идеални услови, под услов овие апарати да работат без дефект што значи дека се потребни шест години со ова темпо и динамика да дојде до промена на сите патни исправи или со други зборови, ако 2021 година е донесен Законот тогаш најрано 2027 година може да се изврши промена на сите 2,5 – 2,7 милиони македонски патни исправи“, рече Мицкоски.