Мицкоски: Мојот тест е негативен, но ќе ги почитувам препораките и ќе останам во изолација

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на својот фејсбук профил потврди дека е во самоизилација, иако резултатите на тестот што бил направен се негативни.

-Почитувани сограѓани, поврзано со информациите кои произлегоа за мојата здравствена состојба сакам да информирам дека до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место, пишува Мицкоски.

Продолжувам, додава тој, од мојот дом да ја следам актуелната состојба.

-Да им даваме поддршка на оние кои се во првата линија против пандемијата. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите оние кои пројавија интерес за моето здравје. И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на фејсбук.

Поврзани новости