Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МИА вели дека по 8 мај, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе биде апсолутен победник. Смета дека ќе успеат да консолидираат 61 пратеник и додава дека за коалициски партнер го преферираат албанскиот опозициски блок.
– Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да консолидира 61 пратеник по 8 мај. Како коалиција „Твоја Македонија“, ќе бидеме апсолутен победник. Не би можел денеска да проектирам колку. Секако ќе поканиме коалициски партнер токму поради овие причини што зборуваме за права на застапеност на помалите етнички заедници. Тоа е моја реченица дека во политиката никогаш не се затвораат вратите и така е. Но, наш приоритет е коалицирањето со албанската опозиција – вели Мицкоски.
За усогласувањето на одредени политики со албанската опозиција, како што се уставните измени, вели се уште не разговарале, во моментов се насочени кон кампањите и за претседателските и за парламентарните избори.
– Генерално сме тука фокусирани, воопшто не сме фокусирани на преговори. Ние имаме јасна програма, Платформа 1198, имаме јасна реформска агенда, јасна визија за Македонија. Таа реформска агенда ги опфаќа сите етнички заедници. Не е ова само за Македонците. Еве малку реформи за Македонците, па малку за Ромите, па малку за Турците, па за Албанците. Не, ова е за сите граѓани. Цениме дека имаме производ којшто навистина е многу значен и носи развој на Македонија – смета Мицкоски.
За изборното ветување за креирање на 55.000 нови работни места, вели дека веќе разговарале со пријатели коишто се дел од структурата на инвестициски финансиски фондови, држави од каде што очекуваат исклучителна поддршка и помош.
На прашањето да открие некои од тие држави, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека ќе одговорат по 8 мај и додава дека граѓаните ќе бидат сведоци на нешто што досега не се случило во земјава.
– Мораме да обезбедиме пари ако сакаме да ги креираме овие 55.000 работни места односно тие пари да влезат во бизнисот за да може реалниот сектор да ги креира. Многу од бизнисмените, многу од луѓето од реалниот сектор ми велат, имаме потреба од луѓе, имаме потреба од нови вработувања, сакаме да ги платиме, имаме побарувачка од нашите комитенти, но за жал во овој период сме, би рекол во гард, затоа што прво сме несигурни со бизнис амбиентот што владее во државата во целост. И второ, она што за нас е важно е дека практично не владее правото и законите насекаде – нагласува Мицкоски.