Мицкоски: Медиумите имаат поддршка од мене и од ВМРО-ДПМНЕ да се изборат за објективно новинарство

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска по повод Светскиот ден на слободата на медиумите објави Фејсбук статус во кој ја критикува власта за загорозување на слободата на медиумите и за цензура.

– Секојдневието на медиумите е притисоци врз сопствеништвата на медиумите, новинари кои се мета на притисоци, закани, ургнеции од власта. Македонија недозволиво за држава која треба да биде демократска, се соочува со цензура од власта.
Свежи се случувањата со притисокот врз медиумите од страна на вицепремиер во Владата кој во својот кабинет жестоко критикувал медиуми за објавени вести кои го засегаат лично, случајот со попречувањето во известувањето на една национална телевизија пред еден јавен простор како и скандалозното заканување и киднапирање на екипата на ТВ21 во Арачиново, само затоа што се “дрзнале“ да проверат дали е нешто сработено за граѓаните од она кое што било ветувано.
Да не говорам за лажните вести, чии главен ракопис доаѓа од Илинденска број 2.
Во време кога слободата е загрозена, останува многу малку да дебатираме и за економскиот стандард на медиумските работници, новинарите, снимателите, фоторепортерите, сите вработени во новинарските редакции кои се главниот фундамент на новинарската дејност, а што е подеднакво важна работа за нормално функционирање на медиумите. Сето ова го напоменувам денес, кога е Светскиот ден на слободата на медиумите. Но истото ова ќе го споменувам во секоја прилика, и во деновите потоа. Мораме да се избориме за слободни медиуми, независно и професионално работење. Медиуми кои ќе бидат коректив на власта и на опозицијата. А секој еден медиумски работник ќе ја има мојата поддршка во борбата за овие права и вредности.
Дозволете да ја истакнам принципиелната поддршка на седмата сила која била, е и ќе остане коректорот на едно општество. Да го честитам Светскиот ден на медиумите. Тие се главниот демократски субјект, парче слобода во нашата земја кој овозможува, покрај сите препреки, гласот на граѓаните и нивните барања, потреби и проблеми да допрат што е можно пошироко и на тој начин да се градат политиките и дејствувањата на секоја власт или политички субјект.
Борбата за медиумите, за вистината и за објективното новинарство е заеднички интерес на едно здраво и демократско општество, во која секој има обврска да придонесе, но пред се самите медиуми, за што имаат потполна поддршка од мене и ВМРО-ДПМНЕ како партија, напиша Мицкоски.

Поврзани новости