Јазикот е единствената наша татковина, сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината, како куќа, како дом, како огниште – овие зборови на Блаже Конески се најдобриот опис на македонскиот јазик, неговото значење и неговиот идентитетски белег на Македонија и Македонецот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод Денот на македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик е секоја песна, секоја приказна од нашите дедовци и баби. Македонскиот јазик е секоја книга од средновековието до денес. Македонскиот јазик е проткајан од преродбениците, преку Мисирков, Рацин, Конески до секој Македонец кој денес го говори и ќе го говори. Тој не е монета за поткусурување како што денес неразбраните трговци го преговараат, па уште и без срам велат дека го испреговарале. Јазикот е татковина, која сме ја наследиле, која мора да ја чуваме грижливо и да ја предадеме како светост на идните генерации Македонци“, напиша Мицкоски на фејсбук.