Премиерот Христијан Мицкоски јавно повикува надлежните органи да му го испитаат потеклото на имотот, но истовремено одбива да открие колку точно средства инвестирал, а колку заработил од малите хидроцентрали. Исто така, Мицкоски одбива да открие и кои се луѓето од, како што самиот вели, европскиот бизнис-крем со кој седел на маса, каде се склучувале зделки во делот на трговија со струја вредни стотици милиони евра. Воедно, тој не одговара на конкретното прашање дали соработувал со најмоќните регионални играчи, кога е во прашање бизнисот со трговија со струја – Војин Лазаревиќ и Вух Хамовиќ.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Додека премиерот Христијан Мицкоски јавно бара и настојува да се испита потекло на имот на функционери, па дури и самиот се нуди од него да почне овој процес, истовремено се обидува да ја убеди јавноста дека целокупниот имот транспарентно го пријавил пред антикорупционерите, а за сите приходи уредно платил данок во УЈП. Во таа насока, покрај вредната куќа во Скопје, тој пријавил и 2 релативно скапи рачни часовници, кои го привлекоа вниманието на јавноста.
Паралелно со тоа, Мицкоски раскажува дека заработил пари од инвестицијата во мали хидроцентрали, како и од зделки при трговија со електрична енергија, кои, според негови кажувања, биле во вредност од стотици милиони евра. Ако неговиот ангажман во изградбата на мали хидроцентрали е отприлика позната и апсолвирана тема, иако и тука има низа прашалници, голема енигма се неговите активности во делот на трговија со струја.
–Точно е дека купив барака за 80.000 евра, која ја урнав и ја изградив куќата каде што живееме со нашето семејство. И вредноста на таа семејна куќа е таа пријавена во анкетниот лист. Точно е дека само со професорска плата не би можел да направам таков дом. Но, заедно со мојот партнер изградивме неколку мали хидроцентрали од неколку десетици милиони евра, од што заработив. Точно е и дека, работејќи за неколку мултинационални компании од регионот и од Европа учествував во зделки каде што се тргуваше електрична енергија од неколку стотици милиони евра. И заработив, за тоа сум си платил данок…
Не се срамам што сум се борел, не сум седел на страна, не сум очајувал и не сум критикувал, туку сум сфатил дека животот е таков и дека е суров и дека животот не се социјалните медиуми, приказните, туку една голема борба и сум влегол во таа борба. Сум почнал со собирање пикавци и метење, па сѐ до моменти кога сум седел со европскиот бизнис-крем на маса, каде што се заклучувале договори од неколку стотици милиони евра. И тоа искуство денес ми помага во политичкиот живот, зашто знам како тие луѓе размислуваат кога ќе дојдат кај мене – рече Мицкоски во „Лазаров поткаст“.
Имено, премиерот и лидер на ВМРО-ДППМНЕ сака да каже дека преку ангажманот во приватниот сектор, каде што бил присутен преку мали хидроцентрали, а учествувал и во милионски операции со трговија со струја, заработил значителни средства. Впрочем, на тој начин објаснува како изградил куќа во Влае од 343 квадрати вредна 27 милиони денари, како стекнал часовници од 3 милиони денари, уметнички слики од над 600 илјади денари…
БИЗНИСОТ СО МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Инаку, темата за дејствувањето на Мицкоски во полето на производство на струја, „Фокус“ ја обработуваше уште во 2018 година, кога објавивме дека тој бил еден од содружниците во компанијата „Енерготек“, која формирала конзорциум со струмичката „Минка-ДА“, што овозможило заедничкиот субјект „Минка-Енерготек“ да ги исполни условите од јавниот повик за концесија за мали хидроцeнтрали во поглед на висината на приходите. По завршувањето на процесот, „Минка-ДА“ се повлекува, па на „Енерготек“ му останува хидроцентралата на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати и плус 2 хидроцентрали на Клепалска река од 180, односно 313 киловати.
Две години подоцна, односно во 2020 година, пак, обелоденивме како и под кои услови тогашниот опозицискиот лидер и денешен премиер излегол од сопственичката структура на компанијата. Всушност, тој го продал уделот од 7 проценти за 700 евра, а договорот за пренос на удел го склучил со Жан Чупаркоски од Прилеп. Во договорот стои дека по истапувањето Мицкоски нема никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата, сразмерно со вложениот основачки влог.
Армо ама, Мицкоски во биографијата што ја поднесе до пратениците како мандатар го навел работното искуство во „Фонко“ и на Машинскиот факултет, како и низа други постигнувања, но не навел дека поседувал удел во „Енерготек“, како и во уште едно друштво – „Фонко-Хидро“. Во врска со тоа, премиерот ни изјави дека тоа е резултат на фактот што не е воопшто релевантно за конкретната функција што ја извршува. Од Владата велат дека овие податоци во континуитет се непроменети, проверени, објавени и доставени до сите институции.
Зошто Мицкоски во биографијата не ги навел уделите во приватни компании?
БИЗНИСОТ СО ТРГОВИЈА СО СТРУЈА
Освен овие 2 компании, Мицкоски во биографијата не го навел ниту искуството со трговија со електрична енергија, за кое со гордост јавно говори дека му донело заработка и му било значајно сега во политиката. Кога зборува дека работел со бизнис-кремот во регионот и во Европа и учествувал во зделки со трговија со струја од неколку стотици милиони евра, на кого мисли Мицкоски? Со кои фирми и луѓе во светот на струјата соработувал?
„Претседателот Христијан Мицкоски во изминативе повеќе од 7 години е активно вклучен во политичкиот живот во државата и доколку имало било какви недоследности, досега ќе реагирале институциите, дотолку повеќе што за се што било поврзано со неговиот финансиски и имотен статус минатата Влада постојано го анализираше. Истовремено, фактот што сега повторно овие теми се појавуваат како теми од интерес и се наметнуваат постојано, иако се редовно објаснувани и самоиницијативно презентирани во јавноста од страна на премиерот, е исто така индикативно.
Секако, мораме да напоменеме дека премиерот останува на располагање и до крајот на својот мандат во недостиг од други продуктивни прашања да одговара и на оваа тема колку и тоа да е потребно. И за жал или за среќа, одговорот на ова прашање секогаш ќе биде ист, впрочем така е секогаш кога човек нема што да крие и ја кажува вистината“, ни одговорија од Илинденска на прашањето колку Мицкоски инвестирал и колку заработил со хидроцентралите, како и со кои лица и фирми соработувал кога вели дека седел на маса со бизнис-кремот и бил дел од милионски зделки поврзани со трговија со струја?
Во врска со ваквиот одговор, упативме забелешка дека нашето прашање не беше со вградена претпоставка дека тука има нешто незаконско, ниту, пак, ние сме ја актуализирале оваа тема. Но, кога веќе Мицкоски самиот зборува на темата на неколку настапи и споменува милионски зделки со трговија со струја, побаравме да се откријат сите детали, бидејќи сметаме дека треба да знаеме кои се тие луѓе со кои денешниот премиер соработувал, за да може да следиме нивни потенцијални активности во земјава, од аспект дали би биле привилегирани или фаворизирани во иднина.
Кога се говори за бизнис-крем во трговијата со струја во регионот прва асоцијација се Војин Лазаревиќ и Вук Хамовик, кои своевремено беа партнери во гигантот „ЕФТ“, чиј генерален директор во земјава долги години беше бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, кого САД го стави на „црна листа“ поради „вмешаност во значителна корупција“. Иако упативме дополнително прашање дали Мицкоски соработувал со двоецот Лазаревиќ-Хамовиќ, или, пак, со некоја нивна компанија или испостава, од Владата не добивме конкретен одговор. Единствено, ни беше посочено дека остануваат на првично дадениот одговор.
Она што е дефинитивно сигурно е дека со еден од нив директна поврзаност има друг член на Владата. Се работи за министерката за енергетика, Сања Божиновска, која се врати во земјава по долги години работа во странство. Таа работела во повеќе фирми што дејствуваат во енергетската сфера, меѓу кои е и „Руднап“ на споменатиот Лазаревиќ. Во една прилика, Божиновска рече дека со Мицкоски се познаваат над 15 години, но министерката не одговори на нашето прашање дали премиерот соработувал со некоја од фирмите каде таа работела или имала сопственички удел.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.