Граѓани од Центар утринава во своите сандачиња добиле писмо потпишано од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во кое тој им порачува дека е време да го дигнат гласот, дека ќе стои рамо до рамо со нив во сите битки се додека, како што вели, не ја „направиме Македонија, стаменита, силна и непокорна.“
Во периодот откако е СДСМ на власт, стои во писмото, стравот ја заменил демократијата, неморалот го заменил моралот, а непринципите ги замениле принципите.
„Корупцијата и криминалот цветаа како никогаш досега, преку ноќ се создадоа недопирливи луѓе, законот не важи за сите подеднакво, рекетот царува. Си поигруваат со човечки судбини, со судбините на убиените деца кај Смилковско, со судбините на семејствата на загинатите полицајци во кумановско Диво насеље. Непотизмот е главна одлика за вработување. Се вработува по партиски клуч. Советници стануваат криминалци и крајно некомпетентни луѓе. Младите се иселуваат негледајќи никаква перспектива“, пишува во писмото на Мицкоски.
Македонија, вели Мицкоски, не е дивоградба која мора да се впише во катастар. Граѓаните, додава тој, имаат идентитет и минато од кое нема откажување.
„Знам дека не ме познавате доволно добро за да речете дека јас сум тој што треба да го поддржите. Јас сум само еден од вас и гледајте го на тој начин. И оттука не треба да ми верувате мене, туку барам да си верувате себеси. Затоа што јас верувам во вас.
Според Мицкоски во општеството владее хаос и апатија и додава дека тоа го „избрала историјата за нас“.
Во врска со својата партија Мицкоски самокритично посочува.
„Не велам дека сме безгрешни и дека нема да грешиме, но ви ветувам дека умееме да се поправиме“, завршува тој.