Мицкоски предложил референдумското прашање да гласи: Дали сте за договор кој го уништува целосно нашиот идентитет, јазик, култура

by fokus

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ставил четири предлози како да гласи референдумското прашање, но во ниту еден од предлозите не се споменувало членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, пишува „Плусинфо“, повикувајќи се на извори од преговорите.

Ова било крајно неприфатливо за премиерот Зоран Заев и лидерите на ДУИ и Беса, Али Ахмети и Билал Касами, по што лидерската средба заврши без договор за референдумот.

Соговорници од средбата за Плусинфо брифираат дека сите четири предлози кои Мицкоски ги понудил биле комплицирани, долги и двозначни, наспроти изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека инсистира на еднозначно референдумско прашање.

– Специфично е дека во ниту еден предлог за референдумското прашање не се споменува дека Договорот за името со Грција е поради членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Напротив, предлозите беа долги, на пример, дали сте за Договорот со Грција за промена на името на државата со промена на Уставот, идентитетот, јазикот… сите предлози беа долги можеби по половина страница – вели учесник на лидерската.

Според нашите извори, преговорите „пукнале“ кога Мицкоски го извадил и евентуалното референдумско прашање кое би се движело во насоката:

„Дали сте за поддршка на договорот со Грција кој го уништува целосно нашиот идентитет, јазик, култура…“

Поврзани новости