Кога велиме да одиме на предвремени избори, тоа не значи дека денеска или утре ќе имаме избори, но мораме да почнеме да размислуваме за тоа, зашто состојбата во државата не е добра, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата 360 Степени.
-Некои соговорници велат сега ви е комотна позицијата, рејтингот расте и на партијата и вашиот личен, зошто брзате? Не ги бидува, ќе се доудават овие, итн. Но, дали е тоа одговорно ако ние седиме на страна и немо ги набљудуваме работите и чекаме овие да се доудават? – праша Мицкоски.
Според Мицкоски, новата влада предводена од Димитар Ковачевски нема да направи ништо подобро од последната влада што ја предводеше Зоран Заев.
-Ние можеме да седиме на страна, да си работиме тоа што си работиме, да го критикуваме тоа што не чини, да имаме комотна позиција и да видиме како ќе се одвиваат работите. Јас сум силно убеден дека овој капацитет на луѓе не може да направи ништо подобро од, според мене, најслабата влада во изминатите 30 години, а тоа е претходната влада – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е задоволен од досегашната работа на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
-Јас лично сум сосема задоволен, имајќи ги предвид информациите кои јас ги знам, што за жал не ги знаат доволно граѓаните. И тука, можеби, гледам определен минус, бидејќи состојбата која беше таму затекната е навистина алармантна и катастрофална. Тоа е суштината. Кога тоа ќе го знае јавноста тогаш и дел од овие критики кои беа упатени кон градоначалничката Арсовска немаше да бидат упатени, бидејќи луѓето ќе ја знаеја состојбата со која Данела се зафати. Навистина е херојски добро да се зафати некој да решава една таква состојба – рече Мицкоски.