Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ја повика вицепремиерката за должена за политики за добро владеење Славица Грковска да ги каже јавно имињата на функционерите за кои се иницирани постапки поврзани со злоупотреба.
Грковска денеска во интервју за МИА истакна дека нејзиниот Кабинет досега иницирал три постапки поврзани со злоупотреби од страна на функционери. Таа потенцира дека за две постои основано сомнение за поднесувањето кривична пријава, додека третиот случај е поднесен пред извесно време и станува збор за голем и обемен случај, поради што не очекува до крајот на годината да има исход од страна на истражните органи. Таа не откри за какви случаи и за кого станува збор, нагласувајќи дека е приврзаник на презумпцијата на невиност и на легалниот след на настанитено.
– Претпоставувам дека Грковска има некое посебно овластување што е над сите овластувања. И таа може да биде истовремено и истражен орган и обвинител и судија, а богами и шпекулант. Затоа што чесно е, ако вицепремиер на една држава дава таква информација да каже имиња. Затоа што се останато е дефокус од вистинската суштина, рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан на кој заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот спортско рекреативен центар „Македонија” во Радишани.
Мицкоски нагласи дека Грковска не треба да не шпекулира, бидејќи тоа не е сериозно, туку да ги каже имињата на осомничените функционери.
– Ако нема овластување над сите овластувања, се поставува прашањето од каде ја има таа информација дека има истрага. Кој ја дал таа информација? Затоа што таа мора да е и над МВР и над Обвинителството и над судството штом располага со информација дека има некаква истрага, додаде Мицкоски.
Прашан да ја коментира анкетата на ИРИ во делот на влез на Бугарите во Уставот, тој одговори дека тие не ги менуваат нивните позиции преку ноќ.
– Јас сум кажал, нашиот став е принципиелен. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот. Во ниту еден момент не сме ни размислувале дека ќе го поддржиме тоа, изјави Мицкоски.
Тој посочи оти се потребни гаранции за идентитет и за македонскиот јазик, како и „други работи”.
– Не само во таа анкета, ние правиме месечно неколку анкети. Тие анкети се јасни. Во моментот, под овие околности, под овие услови, под бугарски диктат, нема промена на Уставот, смета Мицкоски.
Тој уште повтори и дека се потребни предвремени избори.
– Денеска се лажни дојави на бомба, утре ќе биде нешто друго. И така ние ќе се вртиме во круг. Направија анализа од центарот за комуникации во рамките на нашата партија, од 2018 година ние се бориме со хибридни напади. Тогаш ги најавувала Шекеринска, денеска се бори повторно оваа Влада на Ковачевски. Значи четири години ние се бориме со хибридни напади, додаде Мицкоски.