Буџетот на МО за 2023 година ќе изнесува 274,6 милиони евра

by Fokus

Предложениот буџетот на Министерството за одбрана за 2023 година изнесува 274,6 милиони евра и е за третина повеќе во однос на минатогодишниот. Средствата за опремување и модернизација на Армијата се зголемени за шест проценти и изнесуваат 88.797.000 евра.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска најавија дека планираните финансии за следната година ќе придонесат за развој и модернизирање на овој ресор согласно стандардите на земја членка на НАТО, како и дека ќе продолжат инвестициите во луѓето, опремата и развивањето на способностите.

– Развојот на одбраната ќе придонесе за посовремена безбедност во однос на заканите кои ни ги носат геостратешките предизвици, а за кои имаме обврска да ги заштитиме нашите граѓани. Третина повисок буџет во одбраната, значи влог во мирот и стабилноста на луѓето, а тоа е непроценливо, рече Ковачевски на заедничка прес-конференција со Петровска.

Покачувањето на средствата, како што нагласи Ковачевски, значи дека ќе ја оствариме зацртаната цел, а тоа е буџетот за одбрана да биде два проценти од БДП во 2024 година, според стандардите на НАТО.

Одбраната, посочи премиерот, од февруари годинава не потсетува зошто е важно да ја модернизираме и јакнеме, а уште поважно е тоа, како што нагласи, дека остварувањето на нашата стратешка цел НАТО е најдржавничката одлука што сме ја донеле во поновата историја на земјата.

Тој дополни дека затоа е важно што нашата воена интеграција на НАТО ја направивме многу побрзо од другите членки и што од нашиот буџет издвојуваме средства со кои ќе ја модернизираме и засилиме Армијата, но и одбраната во целост.

Премиерот оцени дека оваа година Армијата покажала подготвеност да се носи со нашите сојузници и затоа доби највисоки оценки, а нам, како што рече, ни помогна да сме сигурни во подготвеноста за заедничко делување во справувањето со современите безбедносни закани.

Осврнувајќи се на карактеристиките на буџетот на одбраната посочи дека е важна стабилноста на професионалните војници и потсети дека се зголемени нивните примања, како и дека се вложени над 16 милиони евра во енергетски ефикасни објекти на Министерството, Армијата и во касарните. Со овие стратешки инвестирања, според него, се подобрени условите за работа на Армијата која е столбот за сигурноста, безбедноста и мирот на нашите граѓани.

Министерката Петровска исто така потсети дека за припадниците на Армијата во годината што измина се создадени услови уште еднаш да се зголемат платите, како и за отпремнини од над 20.000 евра за припадниците со навршени 45 години, и за станарина од 9.500 денари како надополнување од месечниот приход на секој војник.

Како што соопшти Петровска, во буџетот за 2023 година се обезбедуваат средства за постојано редовно опремување на Армијата и покривање на сите нејзини потреби, а меѓу останатото планирани се 1.613.000 евра за обезбедување организирана исхрана за припадниците на Армијата

Покрај инвестирање во опремување и модернизација на Армијата согласно усвоените Цели на способности, се обезбедува и енергетска ефикасност на објектите, подмладување на персоналот на Армијата, зголемени примања на професионалните војници веднаш по стапување во служба на Армијата, финансиска поддршка за решавање на статусот професионалните војници со обезбедување отремнини во износ од две просечни нето плати, не помалку од 1.000 евра за секоја година помината во Армијата, постојано подобрување на логистичката поддршка и зголемено учество во меѓународните мировни мисии и операции.

Следната година, најави Петровска, ќе имаме најголем број припадници во меѓународни мисии и операции, односно 226. Вкупните средства за таа намена изнесуваат 10 милиони и 548 илјади евра, од кои 1.790.000 евра за плати и надоместоци, а останатите се за логистички трошоци.

Поврзани новости