Во рамки на парламентарната кампања „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце“ ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Јанчиште, Општина Јегуновце и во тетовска Брвеница.
Претседателот Христијан Мицкоски, носителката на кандидатската листа за шестата изборна единица Дафина Стојаноска како и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова се обратиjа пред присутните граѓани.
-Убеден сум дека на 8 мај сите заедно ќе направиме уште еден чекор кон историјата и ќе донесеме толку убедлива победа што во македонскиот Парламент коалицијата ,,Твоја Македонија” и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, а иден претседател ќе биде Гордана Силјановска Давкова.
Народот треба да се слуша и затоа ДУИ оди во опозиција и со тоа завршува една неславна ера на една политичка партија на политичката сцена во Македонија!, рече Мицкоски.
Мицкоски, од Јанчиште, изјави дека очекувале до 150 илјади гласови во првиот круг од претседателските избори, но има разлика од 180 илјади гласови, што според него значи дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот прави историски резултати.
-Сега следната наша цел повторно историска е за првпат некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција, да освои мнозинство во македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова. Јас сум убеден гледајќи го тоа што се случува овие пет дена од кога заврши првиот круг на претседателски избори дека и тоа ќе се случи. Ни остана помалку од една недела до денот на изборите и убеден сум од оваа енергија и емоција која што ја чувствувам од народот македонски дека и тоа ќе се случи, истакна Мицкоски.