Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од говорницата во Кавадарци денеска му порача на премиерот, Зоран Заев, дека по смена на власта ќе има ревизија на случаите Глобал и Поткуп, во кои беше обвинет Заев.
-И нема да ти суди Кацарска, туку ќе биде независен судија и обвинител, ќе ти досуди казна која ја заслужуваш. И тогаш ќе завршиме со минатото па ќе градиме европска иднина – рече Мицкоски.
Како што рече тој, власта на Заев е во коалиција со криминалци. Тој го искритикува водењето на процесот за убиствата кај Смилковско езеро и тоа што убијците се на слобода. Дејствувањето на Заев во овој случај го нарече млако.
-Тој на овој начин тргува со гласови, со криминални структури од населението, со кои оваа власт е во нераскинлива врска и папочно се поврзани. Власта на СДСМ и криминалците од затворите. Кога ќе ве убедуваат дека на крајот на тунелот има светлина, тоа се фаровите на џиповите кои во раните утрински часови шверцуваат цигари во граничните премини низ Македонија – рече Мицкоски мислејќи на уапсениот градоначалник на Ново село.
Тој упати поздрав до полицијата и порача да застане со народот, а не да штити злосторници.
-Нашите великани пишуваа да се биде Македонец е света работа, а потоа проклетство и немир. Ние не сме Македонци само затоа што зборуваме и пееме македонски, Македонци сме и затоа што тагуваме на македонски и никогаш не треба тоа да го заборавиме. Прекрасно ми е што сум Македонец. Запамтете дека само еднаш татковината се освојува однадвор, а потоа секогаш одвнатре. Сега секој и е потребен на мама, сега мајка не вика да станеме и да го изодиме овој пат, по цена на се да сме подготвени, колку сме толку сме, токму сме. Македонија ќе победи, да ни е жива и здрава мајка мила Македонија – порача Мицкоски.