Мицкоски до Заев: Наместо да си ја потпевнуваш „Stranger in the night“, време е да ја научиш „Wind of change“

by fokus

Наместо премиерот да си ја потпевнува на митинзи Stranger in the night, време е да ја научи Wind of change, а поради ова и се друго лошо што и приредија на Македонија оваа песна ќе му ја испее народот на 21 април и на 5 мај оваа година, му порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на премиерот, Зоран Заев, кој од синоќешниот митинг во Тетово рече дека Мицкоски и Силјановска се како изгубени во ноќта.

Мицкоски посочува дека согласно последниот индекс на Светска Банка за човечкиот капитал, Македонија бележи пад од 21 место споредено со претпоследниот индекс, што значи, додава, дека состојбата од година во година се влошува.

„Она што Заев го вели блескање, е всушност назадување. Македонија станува земја каде владата не вложува во иднината на своите граѓани, токму затоа има и иселување. А иселувањето создава и економски проблеми. Поразителни податоци и поразителна слика за Република Македонија. Ова за жал е вистинската реалност“, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

„Македонија се наоѓа на последното место во Европа по индексот за глобален развој на Светска банка каде се разработува индексот за човечкиот капитал (HCI). Македонија е на 88-то место, позади Косово кое е на 80-та позиција, Црна Гора на 59, Босна и Херцеговина на 58, Албанија на 56, Бугарија на 44, Хрватска на 36-то место, а Србија е на 27-мо место. Веднаш до Македонија е Никарагва, Кенија, Панама и Таџикистан. А подобри од нашата земја се Шри Ланка, Еквадор и Оман. Со оваа анализа се мери колку земјите губат од економската продуктивност поради недоволното вложување во своите луѓе. Индексот на човечкиот капитал, покажува дека дете родено во Македонија денес ќе достигне 53 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и биде потполно здраво“, додава Мицкоски.

 

 

 

Поврзани новости