Мицкоски до власта: Единствен начин да се спасите од мене е да не се разбудам утре

by Fokus 20:07
20:07

Денеска ги видовме со сета своја немоќ како на отворена сцена се обидуваат византиски убедени од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата) како се препелкаат нудејќи поделба на власта ама јас да не сум бил дел од неа бидејќи со мене немало договор, не сум бил добар соговорник. И тука да прв пат се согласувам со Зоран Заев, јас немам концесија и не должам никому ништо, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил по изјавата на премиерот Зоран Заев дека сака да отвори дебата за заедничка власт на Владата со опозицијата.

Тој нагласува дека единствено му должи на неговиот народ, на Македонците, на граѓаните на Македонија, на пратеничката група од коалицијата За обнова на Македонија, ИК, ЦК, општинските комитети, месните комитети, униите на ветерани, млади, жени, на активистите, симпатизерите што покажале единство, цврстина, борба, жар, карактер, пркос, инает и пред се желба и оти ќе направи се ним да им се оддолжи.

- Advertisements -

-Имам порака до вас, господа од власта, заедно со вашите лакеи, за мене денес е исклучително тежок ден. Пеколно тежок ден бил деветтиот најтешкиот, се борам со болеста, тешко дишам, а главата ми пука од температура, но имам јас енергија, мотив и волја и за борба со вас. Ова го пишувам од собата во инфективната клиника со сиот револт во себе што и направивте на Македонија. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник. Но, тој филм нема да го гледате и ви ветувам дека ќе се изборам со болеста, ќе излезам од инфективна, а потоа не чека многу работа…, Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор!, пишува Мицкоски.

Тој додава дека ако власта „мисли дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи“.

-Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам. Македонската пролет доаѓа!, пишува Мицкоски на својот фејсбук профил.

Поврзани новости