Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно со потпретседателот Александар Николоски и членот на Извршниот Комитет, Драган Данев оствари средба со европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекејштајн.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски посочил дека има целосен застој во поглед на европските интеграции и исклучително низок степен на реализација на владиниот план 3-6-9 што се должи на недоволната посветеност и манифестирањето на неспособност на владата да менаџира со процесите.
-Заложбите за интеграција на владата се само декларативни, но не и суштински и остануваат мртво слово на хартија. СДСМ ја има одговорноста 9 месеци да управува со државата, а нема ниту еден крупен чекор или реформа која е не доближи до целта за отпочнување на преговори со Европската Унија, рекол Мицкоски.
Од партијата додаваат дека Мицкоски ги запознал своите соговорници со „случаите на политички терор спроведуван од власта, посочувајќи дека тоа го отежнува севкупниот абиент на функционирање на државата и го прави невозможен активниот политички дијалог“.