Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со жителите во населено место Велгошти.
На средбата Мицкоски побара поддршка и обединетост од граѓаните за Гордана Силјановска Давкова која што е кандидат за претседател на Република Македонија, како и за кандидатот за градоначалник на општина Охрид д-р Митре Милошевски.
-Мораме да застанеме еден до друг, јас ве молам, човечки е да ве замолам да не поддржите во оваа наша мисија која што е пеколно тешка, но не се плашиме. Влеговме во овој предизвик одлучни како никогаш досега. Ве молам за ваша поддршка, за сплотеност и обединетост околу овие двајца луѓе. Затоа што тоа се честити,стаменити горди Македонци и Македонки кои што ќе го вложат сиот свој човечки интегритет, сиот свој кредибилитет, целата своја биографија за да пеколно работат за охриѓани и за Македонија, посочи Мицкоски.
Тој истакна дека на Македонија како и на Охрид им требаат луѓе кои цврсто ќе застанат со граѓаните и ќе работата во нивен интерес се со цел да им овозможат квалитетен живот, нагласувајќи дека не победуваат побројните, туку победуваат помотивираните и храбрите, а токму Силјановска Давкова и Милошевски се такви.