Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Призма” истакна дека доколку бугарските барања влезат во преговарачката рамка тоа ќе значи капитулација за Македонија и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против во македонското Собрание, ако стигне таков предлог.
-Сум кажал и ќе повторам тоа еднакво на капитулација за Македонија на дипломатски план. Тоа значи или се асимилирате, бугаризирате и станувате дел од ЕУ или никогаш нема да бидете дел од ЕУ. Ако стигне да се гласа во Собранието ќе гласаме против – изјави Мицкоски.
Во врска со барањето за Бугарите во македонскиот Устав, Мицкоски потенцираше дека за да се разговара за тоа потребно е Бугарија да даде гаранции дека тоа ќе биде последно барање и нема повеќе да ја блокира Македонија, но и да ја поништи Резолуцијата изгласана во бугарскиот парламент во 2019 година.
-Јас сум го кажал ставот неколку пати. Подготвен сум за тоа да разговарам, но претходно да видиме гаранции од страна на Бугарија дека тоа е последното барање и до денот на полноправно членство Бугарија да биде најголемиот поддржувач, а не кочничар на Македонија. Гаранција и поништена резолуција од 2019 година и јасна гаранција исто како што Македонија на 2008 година на барање на владата на Борисов, кога Бугарија станала членка на ЕУ, кажала дека нема отворени прашања – рече Мицкоски.