Мицкоски бара формирање на техничка Влада и предвремени избори: Не треба да се плашите!

by Fokus

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и бара час поскоро да се формира техничка Влада и да се одржат предвремени парламентрани избори, порача лидерот на партијата Христијан Мицкоски во обраќањето на 31. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Енергија, надеж, иднина“.

Мицкоски ги обвини партиите од власта СДСМ и ДУИ и нивните лидери Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека ја злоупотребуваат европската иднина за да си „обезбедат дополнителни привилегии, да останат што е можно повеќе на функциите и да ја пљачкаат Македонија, сакаат да зборуваат за промените во Уставот и вклучување на мал минимален дел на наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарскиот народ во Преамбулата“.

– Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која  јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите, ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот ви верува, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика, истакна Мицкоски.

Поврзани новости