Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе го тужи актуелниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, кој пред речиси една недела обвини дека склучил договори со две фирми во четири очи, а со вредност од 10,5 милиони евра. Тој во изјава за Фокус вели дека неговиот адвокат упатил допис до Миновски дали постапил по барањето да се извини, а доколку не го сторил тоа, тогаш ќе се видат во судница.
– Господинот Миновски имаше 48 часа да се извини, мојот адвокат упати допис до господинот Миновски во кој допис е содржано прашањето дали тој постапил по моето барање. Доколку одговорот е „не“, тогаш после добиената уредна доставница ќе ја поднесам тужбата и пред судските органи ќе ја докажуваме вистината, вели Мицкоски за Фокус.
Миновски претходно обвини дека Мицкоски склучил договори со Пелистер во вредност од 5,7 милиони евра, а потоа и со Марковски, во вредност од 4,8 милиони евра.
По прес конференцијата, лидерот на опозицијата на Фејсбук напиша дека ако Миновски не се извини во рок од 48 часа за како што додаде, нарушување на нговиот углед и чест, тој ќе го тужи.