На денешното рочиште за случајот „Талир“, за незаконско финансирање и перење пари, на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше бизнисменот Силјан Мицевски од Битола.
Тој на прашања од обвинителката Ленче Ристоска опиша како бил рекетиран од првите луѓе на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ откако ќе добиел тендер.
На прашање на Ристоска дали од повисоките ешалони од власта кои се јавувале како инвеститори во добиените тендери влијаеле и барале од него да земе подизведувачи, Мицевски одговори потврдно, дека тие сугестии биле за помали компании кои барале работа во владата, пренесе СДК.
-По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола”, истакна Мицевски.
На прашање дали некогаш донирал во ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори:
„Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”, сведочеше бизнисменот.
Според него овие барања доаѓале од повеќе лица од ВМРО-ДПМНЕ.
„Еднаш Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, ми има дадено писмо и фактури за плаќање, другпат Кирил Божиновски, имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познаам сите. Барањата за спонзорства, плаќања се случуваа во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места”, сведочеше Силјан Мицевски.