На 30 март, идната недела, Кривичниот суд ќе ја објави пресудата за второ обвинетиот во случајот „Империја“ Зоранчо Митровски, штипски бизнисмен, кој призна вина за делата „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“.
Обвинителката Лиле Стефанова, во завршен збор рече дека самото признание на вина е исклучително олеснителна околност и дека со тоа значително придонел за економичноста на постапката, додека како отежнителни околности, се начинот и мотивот на извршување на делото.
– Сметам дека покрај кривична санкција, Судот треба да одлучи и да ја конфискува имотната корист од 92 милиони денари, изјави Стефанова.
Бранителот на Зоранчо Митровски, во завршен збор, рече дека по однос на казната Судот да го цени признанието на вина, како и дека обвинетиот изразил подготвеност да го намири отштетното побарување, дека е татко на две полнолетни деца и стопанственик на фирми кои вработуваат повеќе фамилии.
– Се каам за стореното. Казната ја чувствувам многу силно. Целта на казната е постигната со самото признание на вина и што се повлекувам од сите деловни ангажмани, изјави Митровски пред Судот.
Претставникот на оштетеното правно лице АД Бетон Штип, посочи дека веќе е изјавено отштетно побарување но во вкупен износ, преднајавува отштетно побарување во висина од 92 250 000 денари со камата спрема обвинетиот.