Митрополитот Агатангел осветуваше храм, верниците се причестија со иста лажичка

by fokus

Во тек на вчерашниот ден Митрополитот Повардарски г. Агатангел заедно со Митрополитот Брегалнички г. Иларион и свештенство на епархијата извршија осветување на параклисот „Св. Гаврил Велички“ во Велес.

По чинот на осветување се отслужи и првата Божествена Литургија во новоизградениот храм, а на страницата на Повардаска епархија се објавија десетици фотографии и снимки од настанот.
Според објавеното, во храмот се присутни голем број на верници, од кои речиси сите се без заштитни маски, а и покрај сите препораки на здравствените власти, поради актуелната пандемија, не изостанало причестувањето со иста лажичка. Помеѓу верниците можат да се забележат и голем број на деца.

Епидемијата со корона вирус не стивнува, а во Велес во тек на вчерашниот ден беа регистрирани шест нови случаи на вирусот. Моментално, таму се активни 227 случаи, а од почетокот на пандемијата се инфицираа дури 3.355 велешани. Сепак, очигледно дека верниците кои без заштитни маски присуствуваа на осветувањето и кои се причестуваат со истата лажичка, немаат страв од вирусот. Тоа што во градот се регистрирани случаи на мутираниот британски вирус, за кој научниците тврдат дека многу полесно се пренесува, исто така, очигледно не ги загрижи ниту свештениците, ниту пак верниците присутни на настанот.

Кај голем број на свештеници е присутен ставот дека лажичката и причеста не придонесуваат за ширење на вирусот и не се откажуваат од традицијата и за време на епидемијата.

-После причестувањето на сите, свештеникот е тој кој последен ја употребува причесната. Тоа го гледаат сите верници. Ако имаше некаква опасност, свештениците први ќе се инфицираа – ни изјави неодамна свештеник, по повод честите реакции во јавноста околу употребата на иста лажичка во храмовите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости