При гостувањето на ТВ 21, поранешниот претседател на Апелациониот суд Скопје, Јордан Митриновски, јавно призна дека во 2009-тата Груевски му побарал да си поднесе оставка.
„Нема што да се крие. Тој ме повика да поднесам оставка. Ама тогаш и да не се бламираме, јас мислев дека ќе преовлада на некој начин разумот и дека сепак ќе се дозволи да функционира правната држава и да има барем осет или мирис на правна држава… Мене ми беше непријатно некој да ме вика. Непријатно ми беше и тој и министерката за внатрешни работи се обратија за мое разрешување. Како не им беше срам тогаш јавно да истапуваат, а сега поинаку е кога се работи за нивна кожа, поинаку се гледаат работите. Ниеден судија не треба да се повикува од страна на извршната власт“ – вели Митриновски
Потоа, откако очигледно Митриновски не се повлече од функцијата, во 2011-та беше разрешен од Судскиот совет под нејасни околности, затоа што дозволил тобако босот Бајруш Сејдуи да оди во домашен притвор. Врховниот суд се спротивстави на ваквата одлука на Апелациониот и воедно побара разрешување на Митриновски. Тогаш претседател на Врховен беше Јово Вангеловски кој беше и член на Судскиот совет.
Во април, минатата година, Судот за човекови права во Стразбур ја казни Македонија со 4.000 евра одлучувајќи по жалбата Митриновски. Според Стразбур, Судскиот совет не бил непристрасен при разрешувањето. Имено,судот во својата пресуда оценува дека Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред да дојде прашањето до Судскиот совет.
Додека се чека дали Судскиот совет одново ќе го отвори прашањето за Митриновски тој веќе ги исполни условите за пензија.