Митревски преку буџетот на Сојузот си плаќал кирија за стан, трошоци за комуналии, чистачка, сметки

by Fokus

Претходниот претседател на ССМ, Живко Митревски преку буџетот на Сојузот си ги плаќал киријата за стан, трошоците за комуналии, чистачка, сметки, како и два шофери за двете службени возила, објави денеска новото раководство на Сојузот.

– Еден шофер го користел во Битола, еден во Скопје, тоа го нема ни премиерот на Владата – изјави Пеце Ристевски од СИЕР.

Митревски примал 50 илјади денари плата како претседател на Сојузот, 10.000 денари како член на Фондот за пензиско осигурување, 12 илјади за одвоен живот и како член на извршен одбор на ССМ си препишал на себе по 3.000 денари месечно.

– Посрамно не може да биде. Да можел денар екстра да го земе, ќе го земел – вели Ристевски.

Новото раководство на ССМ против Митревски најавува серија на кривични пријави, дел за фалсификување на документи, а дел за злоупотреба на службена положба. Како што велат од таму, тој сам одлучувал за сите трошоци како реновирање на простории во зградата на ССМ, што е спротвно на Законот. Во меѓувреме, Митревски формирал нова синдиклана организација наречена „Столб“, а со тоа, како што велат од ССМ, сакал да направи раздор кај синдикалците.

– Живко Митревски треба да престане да ја манипулира јавноста. Ние не сме подружница на никоја власт, ние сме синдикалци со чиста крв – изјави в.д. претседателот Дарко Димовски.

На прашањето, каде ќе биде распореден сега Митревски, Димовски одговори во Бирото за вработување како невработено лице.

М.В.

 

Поврзани новости