Митрески: Имаме сериозни забелешки на Законот за државјанство, не го поддржуваме

by fokus

Треба да се обезбеди поширок консензус, треба да се испочитуваат меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми и кога сето тоа ќе биде склопено во еден текст, кога ќе го обезбедиме консензусот тогаш може да ја продолжиме постапката на носење на тој закон или пак на нов закон кој што исто така ќе биде договорен на ниво на пратенички групи, изјави денеска Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалиција, одговарајќи на новинарско прашање за Законот за државјанство.

Станува збор за Закон кој што помина во скратена постапка, посочи Митрески, бидејќи станува збор за долгогодишен проблем во државата.

– Ние како текст, таков каков што е предложен, како пратеници од СДСМ и од мнозинството сме против, не го поддржуваме тој текст. Ние сакаме со амандмани да влијаеме на текстот, но исто така да обезбедиме широк консензус од сите пратенички групи, затоа што станува збор за долгогодишен проблем на државата, изјави Митрески.

Одговарајќи на новинарски прашања, во врска со Законот за надворешни работи, повтори дека станува збор за ист текст, кој бил пуштен во процедура и во минатиот состав, но дека тогаш немало блокада и не бил поднесен ниту еден амандман, но дека не бил донесен поради распуштање на Собранието.

– Сега кога го пуштаме пак во процедура најавуваат и се што прават во Собранието е само блокада, сопки и уцени во работата на Собранието. Ние донесовме одлука како потписници на тој закон, ќе го повлечеме од процедура, денес веќе го повлековме од процедура, така да им паѓаат во вода сите намери кои што ги имаат во план да ги направат во Собранието и за жал, нивна жал ние нема да дозволиме во Собранието да прават театар што е во корист на внатрепартиската битка во ВМРО-ДПМНЕ, внатрепартиските битки нека ги решаваат во партиските седишта а не во Собранието, посочи Митрески.

Поврзани новости