Митралезот со кој беа повредени војниците претходно неколку пати заглавил на воената вежба

by fokus

Двајцата војници во тетовската касарна биле повредени по враќање од воена вежба во Штип. Како што информираат од Основното јавно обвинителство митралезот тежок 35 килограми бил монтиран на хермелин, но во моментот кога двајца други војници го пренесувале во хангарот, тој испукал еден куршум. Повредените војници во тоа време го чистеле оружјето.

„Надлежниот јавен обвинител разговарал со неколкумина војници кои биле очевидци на целиот настан и кои објасниле дека митралезот неколку пати заглавил и за време на воената вежба во Штип. За целосно расветлување на случајот, по наредба на надлежен јавен обвинител ќе биде извршено вештачење на митралезот и на чаурата пронајдена на лице место, а ќе биде прегледан и целокупниот протокол на изведената воена вежба во Штип. Дополнително, ќе биде прибавена и целосната медицинска документација за двајцата повредени војници, кои во моментов се во стабилна состојба и надвор од животна опасност“, велат од Јавно обвинителство.

Настанот го испитува и Одделението за криминалистика при Воената полиција, кое исто така својот извештај ќе го достави до надлежниот јавен обвинител.

Поврзани новости