За Вера Мештеровиќ годините се само број: Децата потпораснаа, време ми е да се вратам на кариерата

by Fokus

Вера Мештеровиќ, еден од најпопуларните модели кај нас во деведесеттите години и Мис на Македонија за 1996 година, повторно се враќа на модниот свет, по пауза од речиси една деценија.

Во изминатава година таа започна да ги полни насловните страници на модните списанија, стана промотер на познати брендови на козметика, присутна е на јавни настани од светот на модата и убавината. Годините за неа се само бројки, и со својот изглед целосно ја оправдува изреката која голем број на модни креатори и критичари ја користат за неа – Вера е како виното, што повозрасна, тоа поубава и пораскошна.

Нејзината појава предизвика воодушевување и пред два дена, во хотелот Александар Палас, за време на манифестацијата на доделување на награди на ,,Story’’ каде се појави во прекрасен црн фустан на дизајнерката Елена Лука. Пред присутните покажа дека жената може да блеска во било која возраст и порача дека среќната и самоуверена жена е и убава жена.

За ,,Фокус’’ раскажува дека враќањето на големата врата воопшто не и било тешко, бидејќи и во изминатите години таа била присутна во сите модни и јавни случувања, но на некој пасивен начин, со неколку интервјуа и насловни страници годишно, затоа што сепак, приоритет и било растењето на децата.

Горда мајка е на синот Андреј и ќерката Јована, кои ги доби во бракот со фудбалерот Игор Кралевски, со кого се разведоа по десет години заеднички живот.

-Секој период во животот има своја убавина и приоритет за секоја личност засебно. За мене во изминатите години тоа се децата Андреј, 8 години и Јована, 6 години. Пресреќна што се реализирав како мајка и што им се посветив на децата раснејќи ги… Тие нивни први гугања, букви, зборови, насмевки, проодувања, разболувања, непреспиени ноќи, солзи и смеа, прегратки, љубов, нашите игри… Повторно би постапила исто бидејќи тие години од детството на моите деца се незаменливи. Уживам во секој миг со нив. Но, сега кога веќе потпораснаа, дојде периодот да повторно се реализирам и работно. Иако првично размислував за друг ангажман, сепак коцките секогаш се редеа така, да сум поврзана со медиумите. Работам како ареа менаџер за ,,Clarissacosmetics’’ Италија и како нивни промотер неминовни беа медиумите и социјалните мрежи. Имавме соработка со ,,Убавина и здравје’’ за новото списание ,,Home Style’’,за ,,Здравје и билки’’ и ред други итервјуа изминатиов период од неколку месеци – раскажува убавицата.

Вели дека целиот нејзин живот, од најрана возраст е поврзан со малите екрани и женската убавина. Свикната на рефлекторите, таа и денес гледа на убавината како на свој животен повик и избор, и како жените во секоја возраст си имаат своја посебна убавина.

-Јас од седумгодишна возраст се појавувам на малите екрани преку балетот, фолклорот, ревии, реклами, избор за мис, заштитно лице на ,,Систина’’, и работите спонтано се редеа сами. За возраста можам да кажам дека денес веќе не е мерило, ни граница. Секоја возраст има своја таргетна група и убавина. Возраста на која сум јас сега опфаќа најголем опсег на маркетинг за таргетна група потрошувачи од 25 до 50 години. Тоа е доба кога девојките, жените, мајките се сигурни, искусни, самостојни, зрели и знаат што сакаат – вели Вера.

Околу тоа како гледа на конкуренцијата од значително помлади девојки кои секојдневно се појавуваат на нашата модна сцена, таа додава дека за секој професионален промотер има место под сценското небо.

-Нема потреба за споредба, младите ја имаат таа посебна убавина на безгрижност, полетност и е сосема различно. Повеќе е поврзано со тоа што презентираме и промовираме, но полесно е секоја жена да се препознае со промотер кој веќе е реализиран во животот на повеќе полиња како личност, жена, мајка, кариера… и тоа се споделува, секако ова е наменето како што веќе спомнав за таргетна група каде сум јас. Сега сум ангажирана околу убавина, а понатаму и поразлични теми кои ќе ги споделувам за еден убав квалитетен животен стил. Јас и додека бев посветена на децата имав годишно по две, три интервјуа и по некоја насловна страница, така да тука бев само пасивно, а сега и работно ангажирано и среќна сум поради тоа – ни раскажа Мештеровиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости