Откако доцна синоќа соопшти дека во понеделник излегува на протест во Скопје, со цел оставка на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес кавадаречкиот градоначалник и поранешен потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев, за ,,Фокус” вели дека протестот пред Белата палата е одложен.
По консултации со министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџоски, тие дошле до заеднички став, дека протестот не треба да се одржи во овој кризен период, кога бројките на новозаразени лица со корона вирус, секојдневно се во пораст.
-Се согласувам дека здравјето на граѓаните е на прво место. Се консултирав со Филипче и со Караџоски уште рано утринава, според нивните препораки дека протестот може да го загрози јавното здравје, решив да го одложам истиот.
Но, тоа не значи дека отстапуваме од нашата цел, Мицкоски да замине од челната позиција во партијата.
Ќе имаме конференции во повеќе градови, еден вид на онлајн протести, бидејќи партијата мора да застане на цврсти нозе – вели Јанчев.
Околу објавата на ОК ВМРО ДПМНЕ Кавадарци, дека членството не го поддржува Јанчев во намерата да бара оставка од Мицкоски, тој вели дека тоа е личен став на претседателот на партијата од Кавадарци, а не и на членството.
-Тоа е став на Зоран Јованчев, а не и на останатите членови. Разговарав со нив, без консултација со членовите тој самиот објавил став во името на цело членство од Кавадарци – вели градоначалникот.
Вики Клинчарова