Откако вчера се најде на листата на членови на ВМРО ДПМНЕ кои ЦК на партијата ги разреши, со образложение дека одржала историска седница и завршила со хипотеките од минатото, градоначалникот на Кавадарци и потпретседател на партијата, Митко Јанчев, за ,,Фокус” ги сподели своите ставови околу актуелните случувања.
Според него, тој бил неосновано обвинет, а истовремено ВМРО ДПМНЕ покажала дека нема место за неистомислениците во нејзините редови.
-По предлог на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г-дин Христијан Мицковски на вчерашниот ЦК бев разрешен од функцијата потпретседател. Живееме во време кога светот прогресивно оди напред во секое поле. Време во кое акцентот го ставаме на демократијата и слободното размислување. Неоснованите обвинувања на вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на ЦК беа маска за неспособноста за прифаќање на различни ставови и покажаа дека нема место за неостомисленици во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Овие обвинувања како и симнувањето од функцијата потпретседател нема да ме направат помалку вмровец – вели Јанчев.
Тој додава дека со вчерашните случувања партијата покажала дека не е подготвена да оди напред.
Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не е подготвено да оди напред и да стане една модерна и демократска партија, напротив многу круто и агресивно ги “чисти” оние чии перцепции се насочени кон една таква модерна партија – потенцира градоначалникот.
-Како Градоначалник на Општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ уште поуспешно ќе ја извршувам оваа функција, а за моето успешно менаџирање со општината сведочи скоро цела една година со голем број реализирани проекти, проекти кои се во тек и средување на општината и водење кон целта Кавадарци на прво место – ни изјави Јанчев.
По завршувањето на седницата на ЦК, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, изјави дека партијата секогаш уепвала да го исчисти она што е лошо за неа.
-На иницијатива на Мицкоски, ЦК разгледа негов предлог за одржување Вонреден конгрес за потребата за гласање на доверба на претседателот, ЦК едногласно одлучи да го одбие овој предлог и дека претседателот ја има поддршката. Заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО и на Македонија, заради силна соработка со Заев како и организирање на група за уцени и поткуп, со цел да гласаат за уставните измени, ЦК го разреши Митко Јанчев со тајно гласање и едногласно одлучи, го разреши Костадин Богданов. Заради истите причини ЦК од општинските комитети побара да се исклучат Сашо Мијлаков и Никола Тодоров, ЦК побара осумтте пратеници веднаш да поднесат оставка од своите позиции- информираше Николовски доцна синоќа.
Разрешувањето на Јанчев предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, посебно од неговите сограѓани, кавадарчани. Задоволни од неговата посветеност на функцијата градоначалник, многу од нив му порачаа на социјалните мрежи дека неговото време, односно времето на модерни и прогресивни политичари, допрва ќе дојде.
Вики Клинчарова