Градскиот плоштад во Кавадарци ќе добие ново зеленило, нова урбана опрема, места за велосипеди и други елементи. Општината на чело со градоначалникот Митко Јанчев објави Конкурс за избор на идејно партерно и архитектонско решение за пренамена на дел од градскиот плоштад.
Новото општинско раководство сака да ја промени намената на амфитеатарот и на големата фонтана, да го дополни плоштадот со зеленило и со урбана опрема, но и да го подобри осветлувањето. Плоштадот беше реконструиран пред околу осум години, во времето кога градоначалник беше Александар Панов. Беа инвестирани околу 450.000 евра за поплочување со гранитни плочки, изведба на амфитеатар и фонтана посветена на богот Дионис. Сепак, кавадарчани не беа задоволни од неговиот нов изглед, и неретко на социјалните мрежи апелираа да се врати стариот изглед на плоштадот, со многу зеленило и сенки.
-Амфитеатарот стана слепа точка на плоштадот бидејќи не се користи и не ја остварува функцијата за која е наменет. Големата фонтана која е поврзана со амфитеатарот се покажа како непрактично решение во поглед на тековно одржување и нејзина заштита од вандализам – наведено е во конкурсот.
-Градскиот плоштад во Кавадарци со претстојното идејно решение е предвидено да има нови зелени површини, дополнителна урбана опрема, места за велосипеди и други елементи. Понудениот труд треба да биде функционален и одржлив на подолг рок, но и да се вклопи во постојниот амбиент на останатиот дел од плоштадот. Пренамената на дел од постојната површина треба да се изведе со материјали сродни на сегашните материјали вградени на градскиот плоштад. Заинтересираните архитекти треба да ги достават изработените идејни решенија најдоцна до 30 март. Најсоодветниот архитектонски труд ќе биде награден со прва награда во висина од 45.000 денари – информираат од општината.
Оваа одлука голем дел од граѓаните ја дочекаа со одобрување.
Вики Клинчарова