Митко Чавков редел чинови, син му државни концесии

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 14-ти ноември 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 997

Неспорно е дека Чавков е цел живот на служба во МВР, но, исто така, факт е и дека најголем напредок во хиерархијата на полицијата прави токму во последните неколку години, кога, патем, се зголеми имотот на неговото семејство главно поради работењето на двете градежни компании на неговиот син, кои истовремено се концесионери на државата

Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Изборот на Митко Чавков за прв човек на униформираната полиција минатата година одекна посилно во Министерството за внатрешни работи, поради неизвесноста какви нови кадровски промени ќе повлече ова решение, отколку во пошироката јавност. Но, новиот шеф на јавната безбедност набргу ги привлече и погледите кон себе по објавувањето на имотот на неговото семејство, кој се зголемувал за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога впрочем тој прави најголем напредок во кариерата.

Согласно законските обврски кои ги имам, во целост го имам пријавено имотот со кој јас располагам, како и имотот на блиските со кои живеам во семејна заедница. Како и досега, така и во иднина подготвен сум да одговарам на сите барања кои произлегуваат како обврска од важечките закони на РМ. Моето професионално работење и реализацијата на сите професионални обврски секогаш имале приоритет во мојата досегашна кариера – тврди Чавков, нагласувајќи дека при реализација на професионалните обврски, секогаш го почитувал законот и никогаш не дозволил никакво влијание.
Согласно законот, Чавков беше избран за директор на Бирото за јавна безбедност од страна на владата по предлог на министерот за внатрешни работи. Тој ги исполнува формалните услови да има завршено соодветно високо образование и да поседува работно искуство од најмалку 10 години, со потврдени резултати во полицијата, правосудството или во обвинителството.

Имено, во неговата официјална биографија стои дека полициската кариера ја почнал веднаш по дипломирањето на Факултетот за безбедност во Скопје во 1986 година. Чавков вршел значајни должности во СВР – Струмица и во СВР – Гевгелија, ама најголем исчекор прави по последната промена на власта во 2006 година.

Таа година од главен инспектор станува прв човек на Одделот за организиран криминал, денес преименуван во Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, каде што останува сѐ до 2012 година. Оттогаш до 2013 година е прв човек на Централните полициски сили, по што е избран за шеф на јавната безбедност.

Треба да се има предвид дека оваа функција е највисоката инстанца во униформираната полиција и воопшто една од трите највисоки функции во МВР, покрај министерската и директорската фотелја во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во поткрепа на тоа одат битните надлежности што Бирото ги има за одржување на јавниот ред и мир.

Пред Чавков да ја преземе оваа должност, значи додека бил прв човек на Централните полициски сили и на Центарот за сузбивање организиран криминал, се спроведоа многу акции, меѓу кои имаше и од меѓународен карактер. Меѓутоа, еден од случаите кој предизвика голем интерес кај домашната јавност во овој период е апсењето на сегашниот лидер на опозицискиот СДСМ Зоран Заев во 2008 година, заедно со петмина негови соработници. Причината беше злоупотреба на службената положба како градоначалник на Струмица при изградбата на трговскиот центар „Глобал“.

Целиот случај формално го оконча тогашниот претседател Бранко Црвенковски, кој ги аболираше сите уапсени. Арно ама, до ден денес не престануваат препукувањата меѓу двете најголеми политички партии за овој случај. Додека ВМРО-ДПМНЕ го ословува Заев како аболиран криминалец, СДСМ се брани дека управната судска постапка покажала оти изградбата на „Глобал“, во форма на јавно-приватно партнерство, е легална, додека процесот бил политички испровоциран и монтиран.

СУДСКИ ПРОЦЕС И РЕВИЗОРСКИ ЗАБЕЛЕШКИ

Настрана тоа, она што го поврзува Чавков со најголемата владејачка партија е извештајот на ВМРО-ДПМНЕ за донации за локалните избори во 2013 година, доставен до неколку државни институции. Во него, Чавков е наведен како донатор, кој донирал 30.000 денари во предизборната кампања на партијата.

Исто така, тој беше дел и од листата делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на последните претседателски избори годинава. На конвенцијата, Ѓорге Иванов доби поддршка да биде по вторпат партиски кандидат за шеф на државата.

Неговиот брат, Кирил Чавков, пак, е член на Советот на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет во Струмица. Како кандидат на истата партија, тој бил избран за градоначалник на Општина Ново Село во 2000 година.
Низ интернет-архивите на медиумите сѐ уште можат да се најдат стари текстови, според кои, во 2003 година полицијата поднела кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и нанесена штета на државната каса. Тоа се однесувало за 2001 година, кога тој објавил тендер за веќе купен и дониран камион.

Ексградоначалникот Чавков тогаш јавно оцени дека станува збор за политичко-полициска хајка врз неговото семејство. Тој денес работи во струката, има стоматолошка ординација во родното Ново Село, членува во телата на Стоматолошката комора и истовремено е регистриран земјоделец во Управата за јавни приходи.

Од Основниот суд – Струмица велат дека врз основа на пријавата бил изготвен обвинителен акт и бил покренат судски процес против него. Како што објаснуваат од таму, независно што судскиот процес е завршен, тие не може да обелоденат дали овој процес се окончал со ослободителна или осудителна пресуда за Кирил Чавков.

Ниту ние можеме да ви кажеме, ниту вие смеете да објавите, бидејќи случајот е одамна затворен и роковите се истечени – изјавија од Судот, повикувајќи се на делот од кривичниот законик, кој предвидува оти по извесно време се брише пресудата од судската евиденција, или, пак, вакви податоци може да добијат други државни органи, како и правни или физички лица само доколку постојат правни последици или интерес заснован на закон, кој очигледно го нема во оваа ситуација.

Понатаму, градоначалникот Чавков се споменува и во ревизорски извештај објавен во 2007 година, во врска со буџетот на струмичката Општина Ново Село за календарската 2005 година. Споменатата година Кирил Чавков бил градоначалник до март, па затоа изнесените наводи само делумно се однесуваат на него.

Државниот завод за ревизија во овој извештај констатирал три спорни состојби. Прво, несоодветно евидентирање на надоместокот за уредување градежно земјиште и отсуство на склучени договори и на издадени фактури. Второ, неевидентирани ненаплатени побарувања по основа на данок на имот. И трето, нерегуларност при побарувањата и обврските преку цесии.

Мора да се има на ум дека наводите од ревизорските забелешки не значат дека обвинителството автоматски треба да покрене постапка пред судот, туку само ако во овие индиции или сомнежи види докази вредни за дополнителна проверка кај соодветни институции. Најчесто, ревизорските извештаи не резултираат со обвиненија!Mitko Chavkov

КРАТЕЊЕ НА ИМОТНИОТ ЛИСТ

Извесен период подоцна, како тукушто именуван јавен функционер, Митко Чавков имаше обврска да поднесе анкетен лист до Антикорупциската комисија, кој откри листа на личен и семеен имот, стекнат во последните неколку години. Сепак, една година по неговото именување на оваа функција во средината на 2013 година, тој пријавил промени во имотната состојба, па сега во имотното досие има помалку недвижности, но и долгови и побарувања.

Конкретно, Чавков и неговата сопруга поседуваат стан со гаража од 2009 година во вредност од 4.368.000 денари. Освен тоа, директорот на БЈБ од 2001 година, врз основа на купопродажен договор, поседува плац во Кочани од 300 квадратни метри вреден 30.000 денари. А, во 2008 и во 2010 година добил земјоделско земјиште во родното Ново Село, преку договор за подарок.

Дополнително, тој пријавил и четири парцели земјоделско земјиште во Василево, сопственост на неговите деца. Станува збор за имот стекнат во 2012 година од над 75.000 квадратни метри, во вредност од преку 7 милиони денари.
Што се однесува до имотот, пред да бидат внесени промените во средината на 2014 година, стоеше оти неговите деца од 2013 година поседуваат градежно земјиште во Струмица од 10.000 квадратни метри, кое чини 700.000 денари.
Како имот на децата, Чавков пријавил половина од земјиште во Куманово од 190.000 квадратни метри, половина од градежно земјиште во Општина Петровец, од над 35.000 квадратни метри, како и вештачка акумулација и машина за сепарација – сите стекнати во 2012 година.

Во претходниот анкетен лист беа наведени и повеќе долгови отколку сега, односно долговите на неговите деца по основ на земени заеми изнесувале 12.000.000 денари, чиј рок на враќање беше 2015/2016. Сега, во 2014 година, пак, фигурираат само два кредита во вкупна вредност од 105.000 денари, што е голема разлика.

Прво беа пријавени и побарувања од дадени заеми од преку милион денари, кои ги нема во тековниот анкетен лист.
Инаку, секој јавен функционер има обврска да поднесе анкетен лист 30 дена по стапувањето на функцијата и во рамките на истиот рок мора да ги пријави промените во имотното досие. Оттука, отпишувањето на дел од имотот на неговите деца, Чавков би можел да го стори како резултат на тоа што тие евентуално ги продале недвижностите што недостигаат во актуелниот, а беа пријавени во првиот анкетен лист, така што веќе не полагаат сопственичко право над нив. Потоа, тоа подразбира долговите да се вратени, а побарувањата наплатени.

Теоретски, возможна е и друга опција. Освен својот, секој функционер мора да го пријави имотот на членовите на неговото семејство, кое е дефинирано како заедница на родители, деца и други роднини што живеат во исто домаќинство. Тоа дава можност Чавков да го отпишал имотот на децата доколку некое од нив веќе не живее во заедничкото домаќинство со него.
Сепак, врз основа на тоа што и во тековниот анкетен лист е набројан имот на неговите деца, постои варијанта дека овој имот припаѓа на едно од неговите деца со кое сѐ уште живее заедно, додека оној имот што недостига во актуелниот анкетен лист му припаѓа на друго дете, кое во меѓувреме отстапило од семејната заедница.

Од Антикорупциската комисија велат дека последна промена на имотната состојба директорот на Бирото за јавна безбедност пријавил во август 2014 година.

ДКСК ги има евидентирано промените на имотната состојба на наведеното лице и истите се објавени на веб-страницата на Комисијата – информираат од Комисијата.

КОНЦЕСИОНЕРИ НА ДРЖАВАТА

Кога веќе се говори за законската регулатива, таа им забранува на избраните и именуваните функционери и на службените лица да вршат друга функција, неспоива должност или дејност поврзана со остварување профит. За да не се случи судир на јавниот со приватниот интерес, меѓу другото, функционерите не можат да бидат управители на приватни фирми, туку единствено сопственици.

Чавков не е во приватниот бизнис, но таму е едно од неговите две деца. Неговиот 24-годишен син Иван Чавков, во бизнисот со градежништвото, дејствува преку две фирми.

Една од компаниите е „ПОРТЛАНД-ОПЦ“, чиј единствен сопственик, според потврда од Централен регистар, е Иван Чавков. Тој е и управител на ова друштво со основна дејност „трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема“, формирано во 2010 година.

Оваа компанија има седиште во Струмица, на домашната адреса на Иван Чавков. Според Катастарот на недвижности, пак, станува збор за стан во сопственост на Митко Чавков и неговата сопруга, со иста квадратура како станот на директорот на БЈБ и неговата сопруга наведен во неговиот анкетен лист.

Две години по основањето на оваа компанија, односно во 2012 година, кога Митко Чавков од шеф на Одделот за организиран криминал станува прв човек на Централните полициски сили, каде што се задржува една година и е именуван за директор во Бирото за јавна безбедност, е основана компанијата „ИН-МАК БЕТОН“.

Иван Чавков е основач на оваа компанија за производство на готова бетонска смеса, заедно со извесен Неџати Бакиу од Гостивар, во партнерски сооднос. Чавков е управител на ова друштво, кое од пред неколку месеци има и подружница за сепарација на песок во Струмица, поточно во индустриската зона Сачево.

Податоците од тековната состојба покажуваат дека и таа моментално има седиште во Струмица, и тоа на третиот кат во веќе споменатиот трговски центар „Глобал“. Во тој контекст, официјалната документација потврдува дека до скоро фирмата имала седиште во Скопје, кое тогаш било на домашната адреса на Иван Чавков. Но, тој скоро ја променил и адресата на живеење од Скопје во Струмица, а истовремено и „ИН-МАК БЕТОН“ таму го преместила своето седиште.
Така, живеалиштето на Иван Чавков и седиштето на „ИН-МАК БЕТОН“ во центарот на Скопје, како што открива Катастарот, е во сопственост на Република Македонија.

Како и да е, двете споменати градежни фирми не склучиле договор со државна институција за одредена јавна набавка, ниту, пак, за закуп на државно земјоделско земјиште. Арно ама, тие од неодамна се концесионери на државата.

Од Министерството за економија информираат дека оваа година склучиле договори со „ПОРТЛАНД-ОПЦ“ за детални геолошки истражувања на песок и чакал на два локалитети: „Гечерлиски рид 1“ – Босилово и „Врпчовки“, село Добришанци – Василево. Според јавниот повик за доделување концесија од втората половина на 2013 година, периодот за геолошки истражувања е две години, по што би можело да следува фаза на експлоатација.

Министерството посочува дека во 2013 година склучило договор со „ИН-МАК БЕТОН“ за експлоатација на варовник на локалитетот „Бел Камен“ – Куманово, за период од 30 години, откако претходно завршиле истражните работи врз основа на договор за геолошки истражувања од 2012 година.

Упатените објаснуваат дека суровините што ги експлоатираат или тоа ќе го сторат по завршување на геолошките истражувања, како песок, чакал и варовник, се употребуваат како градежен материјал, пред сѐ, за објекти.

ПРОМЕНЛИВО РАБОТЕЊЕ

Од Министерството не одговорија колкав е надоместокот кој двата концесионери ќе го плаќаат на државата за истражување на локалитетите и потоа за експлоатација на минералните суровини.

Тоа го знае само Комисијата, ние може да потврдиме само дека на аукција понудиле најголема сума – изјавија од таму.
Во секој случај, некои од сумите ги открива анкетниот лист што Митко Чавков го поднел веднаш по стапувањето на функцијата. На пример, кај земјиштето во Куманово стои сума од 6.000.000 денари. Токму поради тоа што концесионерот „ИН-МАК БЕТОН“ има двајца сопственици, Чавков навел дека неговите деца поседуваат половина од овој имот.

Истото се однесува и на градежното земјиште во Петровец. Општината организирала електронска аукција за продажба на десетици парцели државно градежно земјиште, а една од фирмите што купиле вакво земјиште е „ИН-МАК БЕТОН“. Анкетниот лист пред промените покажува дека станува збор за седум парцели, вредни 5.500.000 денари.

Од Општината се обидовме да дознаеме колку вакви неизградени градежни парцели се продадени, откако владата ја префрлила надлежноста врз државното земјиште на локалната самоуправа, како и дали се отпочнати инвестициско-градежни дејства? Од таму нѐ упатија кај одговорните за организирање на јавните наддавања, кои, патем, ниту успеавме да ги добиеме, ниту самите не побараа, иако оставивме порака и контакт.

Може да се заклучи дека во истиот период кога потпишале договори за концесија, се зголемил капацитетот на двете компании, соодветно со нивните обврски. На крајот на годините, кај нив е регистрирана и добивка и загуба.

Така, извештајот за финансиската состојба на „ПОРТЛАНД-ОПЦ“ покажува пораст на билансот на успех. Ако во 2012 година профитот изнесувал 38.179 денари, во последната, 2013 година, добивката е 270.386 денари. Ваквите резултати се должат само на работата со приватниот сектор, со оглед на тоа што дури оваа година компанијата потпиша договор со Владата за геолошки истражувања на два локалитети во Струмичко.

Од 2012 до 2013 година, се зголемила вкупната актива на компанијата и кај тековните таканаречени обртни средства (готовина, побарувања, резерви и сл.) и кај нетековните или фиксни средства, кои даваат ефект на подолг рок (машини, опрема, објекти итн.). Истовремено, пораснала и пасивата, или обврските на компанијата, која во 2012 година имала просечно еден, а во 2013 ниту еден вработен.

Компанијата „ИН-МАК БЕТОН“, која има десетина вработени, ја завршила 2013 година со загуба од 922.347 денари, ама во 2012 година остварила добивка од 8.274.359 денари. Овој период (2012-2013) временски коинцидира со договорот за експлоатација на варовник во Куманово и со откупот на градежно земјиште во Петровец.

Како што може да се види од извештајот, од едната до другата година се зголемиле и обртните средства на компанијата, но и нетековните долгорочни средства, кои заземаат поголем дел од структурата на активата. Од тоа произлегува претпоставка за влез на фирмата во инвестициски циклус, дотолку повеќе што пораснале обврските, па дури и се намалила главнината и резервите на претпријатието.

Без оглед на сѐ, барем како минимален заклучок кој може да се изведе од сето ова е дека и покрај тоа што Чавков цел живот е во МВР, факт е дека тој врвот го допре последните неколку години, кога се зголеми имотот на неговото семејство главно поради двете градежни компании на неговиот син, кои истовремено се концесионери на државата.

Иако образложението на Министерството е дека компаниите доставиле највисоки понуди на наддавањето, сепак, за да не останат никакви дилеми кои вообичаено се јавуваат во сите ситуации кога блиски роднини на високи функционери водат бизнис и стекнуваат имот, надлежните институции мора да проверат барем дали е сѐ во ред при спроведувањето на аукциите.

Во врска со ова, пак, од Антикорупциската комисија посочуваат оти не постапувале по имотниот лист на Митко Чавков, односно не ги проверувале податоците од промените во пријавениот имот на овој висок полициски и јавен функционер поради тоа што неговото семејство имало пристап до државни ресурси.

Чавков: МВР бележи историски резултати од 2006 година!

Од промената на раководството во 2006 година, МВР ги постигна најдобрите резултати во историјата, смета директорот на БЈБ, Митко Чавков.

Исчекорот во работењето на Министерството за внатрешни работи и резултатите од политиката на Нулта толеранција“ за организираниот криминал и корупција најубаво се огледуваат и во напредокот од 38 места на РМ на листата на Транспаренси интернешнел. Не помало признание претставува и напредокот на рангирањето на Стејт департментот во однос на борбата против трговијата со луѓе. Бројот на убиства е намален за преку 73 отсто и во моментов е на рекордно ниско ниво од периодот на СФРЈ (75 убиства во 2003 – 20 во 2013 година). Сепак, најголемо признание претставува зголемувањето на довербата на граѓаните во полицијата која според истражувањата на ОБСЕ пораснала за 50 отсто – посочува Чавков.

Различни мислења за директорот на БЈБ, сите неофицијални

Многу актуелни и поранешни службеници во Министерството за внатрешни работи не кријат дека се негативно настроени кон Митко Чавков поради изборот тој да биде на оваа позиција, како и кадровските промени што следуваа во полицијата.
Други што го познаваат, и приватно и професионално, пак, имаат позитивно мислење за него, оценувајќи го како мирен и скромен човек.

Заедничко и за едната и за другата група е дека никој не сака јавно да говори на оваа тема, со тоа што некои прво се согласија, па потоа се премислија.

Уште поинтересно е што уште повоздржано настапија и високи функционери од редовите на опозицијата кои потекнуваат и претежно работат во Струмица и околината, вклучително и претставниците од најголемата опозициска партија – СДСМ.

 

Истражувачката приказна е напишана во рамките на проектот „Поддршка на независни медиуми во РМ: Застапување и обуки за промовирање и почитување на најдобрите меѓународни практики“, поддржан од ЕУ, преку ЕИДХР, а спроведуван од Транспаренси интернешнел Македонија и Electoral Reform International Services (UK).
Единствена одговорност за содржината на сторијата ја сноси авторот и таа не може да се толкува како поглед на Европската унија, ТИМ или на ЕРИС.

Поврзани новости