Драган Стојчевски, првиот Мистер на Македонија за 2004 година, кој работи во МВР како обезбедување на ВИП личности, но е и организатор на првенствата во туркање со рака (Armwrestling), веќе три години живее во Скопје, и одржува персонални тренинзи во теретаната во ,,Борис Трајковски”.
Неговите клиенти, со помош на програмата која ја изработувал за секого поединечно, според потребите, задоволни од резултатите и новиот изглед кој го добиле за само неколу месеци, не штедат пофални зборови. Раскажуваат дека им помогнал да ја добијат линијата која ја посакувале, да се вратат во топ форма, но и да изгубат над 20 килограми за неколку месеци.
Драган го ангажирале како персонален тренер и жени и мажи. За ,,Фокус” раскажува дека се радува на нивните успеси, а во неговиот албум има десетици фотографии насловени Пред и потоа, на кои позираат луѓе кои со упорност го промениле личниот изглед до непрепознатливост.
-Веќе три години сум во Скопје, имам доста клиенти, а за секој изработувам индивидуална програма. Нема тука некаков шаблон, нема копи – пејст, секој има различни потреби. Им ја контролирам килажата, и најдобро е кога таа постепено се губи. Според мојата програма, околу 70 проценти има влијание исхраната, а пак останатите 30 проценти се должат на вежбањето. Но, факт е дека оние, цврстите карактери, кои се упорни и решени да ослабнат, токму тие ги постигнуваат најдобрите резултати. Дисциплина, карактер и упорност, и се стига до целта. Драго ми е кога ги гледам промените кај моите клиенти, и со добивањето на тело во топ форма на некој начин се зајакнува и самодовербата, луѓето стануваат позадоволни од самите себе, им се менува целиот живот на подобро – раскажува Мистерот.
Тој минатата недела наполнил 40 години. Вели дека кога може на прагот на петата деценија да изгледа одлично, младите не треба воопшто да се двоумат и да си посветат внимание, за да го добијат изгледот кој го посакуваат.
-Целта ми е да ги мотивирам младите да се посветат повеќе на себе. Кога јас можам на 40 години, не гледам зошто и тие не би можеле и нема место за изговори. Секој може да го добие изгледот кој го посакува, потребна е мотивација и дисциплина. Голем број од моите клиенти се жени, во изминатиот период тие дури се позаинтересирани од мажите, но се и многу примерни клиенти. Кога по неколку месеци редовни тренинзи и правилна исхрана стигаат до целта, промените се толку очигледни, како да се работи за друга личност. Стануваат посреќни, исполнети, задоволни од својот успех, но и од изгледот – раскажува Стојчевски.
Минатата година, во април, тој организираше државно првенство во туркање со рака. Сега пак, на 20-ти април се подготвувал за КУП во бодибилдинг и фитнес.
-Влегов во категоријата Мастерс, тоа ми беше предизвик. Се подготвувам за дваесетти април, напорно работам на себе. Посветен сум на семејството, на сопругата, ќеркичката и синот, но сепак наоѓам време и за себе – ни изјави Драган.
Своевремено тој беше еден од најбараните модели кај нас. Сними многу реклами и спотови, а долги години беше и манекен во модното студио ,,Црнокрак’’. Постигна голем успех и на светскиот избор за мистер во Кина, од каде се врати со две титули, првата Мистер Фитнес второ место и втората – прво место Мистер на Европа.
Вики Клинчарова