На свеченоста што се одржа утрово во „Долби театарот“ во Лос Анџелес американската Академија за филмски уметности и науки ги додели вредните „Оскари“.
Филмот за „Сѐ во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) триумфираше на годинашното, 95-то доделување „Оскари“, со седум освоени одличја, од вкупно 11 номинации.
Ги доби признанијата за најдобар филм, женска главна улога (Мишел Јео), женска и машка споредна улога (Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Кван), монтажа, како и најдобра режија и оригинално сценарио (и двете награди за Даниел Кван и Даниел Шајнерт).
Кај мажите, во категоријата најдобра главна улога, „Оскарот“ отиде во рацете на Брендан Фрејзер за „Кит“.
Најдобро адаптирано сценарио, според Академијата, е она за филмот „Жените зборуваат“ на режисерката Сара Поли.
„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби остварувањето „На Запад ништо ново“ (Im Westen nichts Neues) од Германија. Филмот ги освои и наградите за кинематографија, продукциски дизајн и филмска музика.