Немаме дилема како партија и како општество дека имаме еден пат – кон ЕУ и НАТО, но нема да го промениме тоа што го зборуваваме и претходно во врска со употребата на Република Македонија и терминот „северна“, вели потпретседтаелот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, новата претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова не го прекршила Уставот со неупотребата на уставното име на државата при положувањето заклетва во Собранието. Мисајловски додава дека пратениците, министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка Силјановска-Давкова ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.
-Во комуникацијата можете да си употребувате Македонија, јас не гледам пречки, мислам дека тоа е исправно, но од другата страна кога грчките политичари кажуваат Македонија и нема реакција од македонкото МНР тука има двојни аршини. Ако зборуваме за почитување на Договорот од Преспа, една минорна работа ќе спомнам, една од обврските на Грција е да ги смени таблите, а сте виделе дека останале Евзони и Скопје. Половина милион граѓани го очекуваа и дадоа поддршка за ова. Ние не сме се промениле, постојано велевме дека овој договор е штетен и истото го зборувавме за францускиот предлог кога многу мислеа дека веднаш ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена ќе го смени Уставот. Не е точно, апсолутно не е така, останавме доследни на она што го зборувавме во кампањата, рече Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторува дека тие од формално-правен аспект ќе го почитуваат уставното име само каде што мора, но никој, како што вели, не може да им ја забрани употребата на терминот Република Македонија.