„Голем предизвик и мотив е водење на листата во изборната единица 2, се чувствува енергија, народот се сплотува и тоа е многу добро. Ќе водам позитивна кампања, со многу работа ќе можеме многу да направиме во програмата најавуваме 1198 проекти, програмата е наречена Платформа 1198, но и се што им треба на граѓаните, а го нема во програмата ќе го реализираме“.
Ова попладнево го рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајлоски на гостување на телевизија Алфа.
„На прво место ни се граѓаните и мислам дека ќе имаме еден од најдобрите резултати во историјата. Сакам да покажеме дека заеднички можеме многу да направиме. Ќе имам многу средби со граѓани, јас сакам да сум со народот“, кажа Мисајлоски.
Според него, расположението кај граѓаните е големо за овие претстојни избори.
„СДСМ и ДУИ направија мизерија во општеството, направија небезбедност, црнила. Тие и на овие избори лажат, како што правеле претходно. Ние кога ветуваме исполнуваме, ние велиме 5.000 денари за пензионерите и тие ќе ги имаат на сметка во првата година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, за учениците ќе има книги и слично. За младите пак ќе ја возобновиме и подобриме мерката Купи куќа за да можат младите да дојдат полесно до свој дом. Дополнително, за секоја жена без разлика на имотната состојба или бројот на деца што ги има родено доколку сака ќе добие до 6 бесплатни ИН ВИТРО. Ќе има пари за нови фасади на куќите и зградите. Ќе биде завршен и автопатот Кичево-Охрид, ние го почнавме ние ќе го завршиме“, посочи Мисајлоски.
Тој укажа дека рејтинзите покажуваат дека животот е се полош.
„Нашиот рејтинг е секој ден поголем, но еве да ги оставиме и рејтинзите, ние да работиме со граѓаните да видат дека сум тука за нив. И расположението кај граѓаните точно дека е против оваа се уште актуелна Влада на СДСМ и ДУИ. Единствена влада која може нешто да направи по претстојните избори е само влада на ВМРО-ДПМНЕ. Секој глас повеќе за нас значи одење во историја на СДСМ и ДУИ, нивниот криминал, корупција“, изјави потпретседателот на опозициската партија.