Карантинската состојба во Македонија поради корона вирусот во изминатиот период „исфрли“ на површина неколку млади автори, пред кои стои светла иднина.
Така и младата авторка Мирјана Проданова изминатата седмица се пофали со својот прв роман, насловен како „Сопругата на детективот“ во издание на „Сакам книги“.
Станува збор за семејна драма, а Проданова во разговор за „Фокус“ ни раскажа повеќе за нејзината книга и како истата настанала.
„Првично, Сопругата на детективот беше само мал расказ. Идејата ми се роди во втора година на факултет, кога со цимерката често слушавме тропање од станот над нас. Јас се шегував дека над нас живее жена чиј сопруг ја тепа, а таа нема на кој да се обрати за помош. Тогаш го напишав краткиот текст во кој една жена Лидија го убива сопругот Димитар и тврди дека го убила во самоодбрана, поради немање повеќе сила да живее во таква насилна средина. За жал, никој не ѝ верува и таа е испратена во затвор“, го започна својот разговор Проданова.
Некогаш инспирацијата доаѓала во моментите додека таа се обидувала да заспие, па морала да станува за мислите да ги пренесе на хартија.
„Ако убаво се сеќавам, наставата на факултетите требаше да започне во февруари, но поради протестите почна или крајот на март или почетокот на април. Додека бев дома тој период пишував секој ден , бидејќи инспирацијата и идеите ми доаѓаа нон-стоп. Некогаш ми доаѓаа и додека се обидував да заспијам, па сум станувала од кревет и сум ги пишувала набрзина во тетратка за да не ги заборавам и ги внесував во лаптопот следниот ден“, посочи таа.
Како што истакна таа, оригиналниот наслов на книгата бил поразличен, но од издавачката куќа решиле да го променат во сегашниот.
„Оригиналниот наслов беше Заробена. Искрено и јас се чувствував така тој период, заробена дома, а не на факултет поради ситуацијата. Лидија била заробена во тортурен брак, па затоа така ја насловив книгата. Кога Сакам Книги ми вратија со мејл дека сум една од кандидатите што влегле во потесниот круг, имаа неколку предлози за промени меѓу кои беше и да се смени насловот. Од неколкуте што ги измислив овој беше најдобар, бидејќи ве навлекува да се прашувате која е сопругата на детективот и дали таа навистина е невина како што тврди дека е“, истакна младата авторка.
Таа пишувала најчесто наутро, правејќи паузи само за да јаде и да излезе со другарките. На најважниот ден од нејзиниот живот ја слушната и прекрасната вест.
„Во 2018, на денот на мојата свадба добив мејл од „Сакам Книги“ дека сум една од избраните автори на нивниот конкурс. Кога го видов неколку дена подоцна, едноставно бев на седмо небо. Сакам да се доградувам како автор, па со задоволство ги прифатив нивните конструктивни критики и совети и повторно работев од утрата со кафето до лаптопот“, раскажува Проданова.
Тематиката во романот е семејно насилство, нешто што не е лесно за пишување, вели авторката.
„Реално, на сите ни се има случено да “солиме памет” за нешто што не сме го искусиле на наша кожа. Ама зошто таа жена не си заминала, можела да го напушти и ќе била спасена, зошто му верувала дека ќе сме смени кога гледа дека не се менува типот, ќе си кажете додека ја читате книгата. Сакав да покажам преку искуството на Лидија зошто не е едноставно да се излезе од таква врска, зошто жртвите остануваат со нивните насилници и колку им се врзани рацете кога станува збор за добивање помош“, додаде таа.
Пишувањето на оваа книга и било хоби и додава дека и е драго што имало кој да ја насочи за да биде подобра во иднина.
„Во глобала романот е фикција, дури и затворот Сперанза е плод на мојата фантазија. Единствено за Моника Ангелова, или Мадам Мони, имав инспирација од вистинска криминалка и Мадам од Австралија – Матилда “Тили” Девин. Имаше серија за неа на МТВ и кога ја видов серијата и глумицата што ја глуми, во истата секунда се роди желба да пишувам приказна за најсадистична криминалка и Мадам во Македонија“, раскажува авторката.
Како и секој млад автор, така и Проданова се плашела како читателите ќе ја прифатат нејзината книга. Сепак, откако прочитала добри коментари, сигурна е дека е на прав пат.
Јорданчо Цветаноски