Синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје на денешниот протест побараа потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Тие се жалат дека се дискриминирани и игнорирани како од Собранието, така и од Владата со непотпишувањето на Колективниот договор од нивна страна.
– Го поздравуваме спроведувањето на Колективниот договор за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но, на надлежните им порачуваме дека спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост, бидејќи останатите пет јавни универзитети го уживаат истиот статус, реализираат иста општествена дејност со иста одговорност. Со непотпишувањето на Колективниот договор неоправдано сме изоставени настрана од државата. Здружени и обединети како Синдикати на овој протест порачуваме дека настапуваме обединето беа никаква политичка боја за враќање на достоинството, правдата на сите нас вработени на универзитетите. Ние сакаме да се реши овој проблем и јавно им се заблагодаруваме на колегите од Синдикатот на УКИМ што ја започнаа ова активност уште во 2022 година со потпишувањето на нивниот Колективен договор. Очекуваме надлежните државни институции да ја сфатат нашата намера дека сакаме на еден цивилизиран синдикален начин да се избориме за нашите права и да имаме еднаков третман на ниво на целата држава-рече на денешниот протест претседателот на Синдикатот на УКЛО Саша Дуковски.
Тој додаде дека уште во текот на месец април ја изготвиле целокупната документација и на 4 мај ја испратиле до Собранието со пропратно писмо.