Министерке истражете ги доказите, тие ве чекаат во обвинителството веќе една недела

by lali

Денеска при учеството во акцијата „Ден на дрвото“ министерката Гордана Јанкулоска не испушти одново да испрати повик до опозицијата да доставела докази до МВР, а ако немале, да изберат поинаков начин за промоција.

„Партиските гласила на опозицијата неколку дена се обидуваат да наметнат тема, но, тема не се наметнува само со партиска наредба, туку потребно е да понудите барем минимум аргументација која треба да биде логична, што не е случај овој пат. Апсурдно е да дебатираме  за работи кои немаат никаква ниту стручна, ниту професионална, ниту елементарна логика. Гледам деновиве оти нивното однесување веќе наидува на потсмев кај граѓаните, но ние сме институција и сериозно постапуваме кон секое прашање. Доколку  понудат каква било аргументација, подготвени сме да ја истражиме за целосно да се отргнат какви било дилеми, ако некој воопшто ги има. Меѓутоа, од она што можам да го видам во јавноста дилеми нема“- изјави Јанкуловска откако ја засади својата иднина.

Јанкуловска упорно промовира тези кои немаат врска со конкретниот доказен материјал. Ако се сериозни, како што тврди, тогаш логично е да понудат одговори на други прашања, а не да ја повикуваат опозицијата, која изричито објави дека сторијата на „Фокус“ не е дел од нивната најавувана „бомба“. Објавените фотографии и видео се продолжение на аферата „Каде исчезнаа двата Афис- система“ која ја откри и ја објави токму „Фокус“.

Јанкуловска на пример, треба да одговори, дали соработуваат со обвинителството, органот до кој „Фокус“ ги достави материјалите и кој е надлежен за истрагата? Дали проверуваат чиј е идентитетот на фотографиите од пасошите, со оглед дека се фали оти МВР има современа опрема? Дали печатот користен на пасошите е истиот печат што го користи МВР? Каква е хартијата користена при изработка на пасошите, како нивната или фалсификувана? Дали кориците се оригинални или се новогодишни честитики, како што збореа? Има уште многу вакви круцијални прашања на кои треба да се дадат суштински одговори, а не да се повторува упорно „дајте ни докази.

Ете, ние ги дадовме доказите, но министерката не се занимава со нив, туку со дискредитација на тие што ги предале. Тоа секако е погрешен пристап при постоење на сериозни индиции дека некој некаде произведува пасоши.

Јанкуловска исто така ја промовира тезата дека досега не се појавил фалсификуван пасош.

„Фактот дека ниту еден државен орган не посочил дека е забележан фалсификуван пасош зборува дека таков производ не е ставен во промет. Значи се уште не сме виделе нешто што некој мисли дека наликува на пасош, освен тврдењата на партиските гласила на опозицијата дека можеби некаде постоело нешто што можеби наликува на пасош, ама тие не го виделе“- објасни Јанкуловска.

Наместо да ги нагласува заштитните елементи на патните исправи, што во случајов е ирелевантно, е министерката би требало да истражи дали некој од МВР е вмешан во скандалот, па во собата практично да се правеле оригинални пасоши со фалсификувани идентитети?

Значи, како може Јанкуловска да повикува некого, па и „Фокус“ да доставуваат докази, кога првично доставените најдиректни докази за рачна работилница, таа, иако не ги истражила како што заслужуваат, однапред ги прогласува како последица на слепилото на новинарите. Па, како сме виделе нешто што наликува на нешто. Но во ниту еден случај не е пасош. Полесно е да биде превиткано палома-хартија?

На крајот, оставете им простор малку на обвинителите јавно да изнесат свој став и мислење за доказите. Доволно беше што им го узурпиравте просторот,  тие се оние кои треба секојдневно да ги има на телевизија.

Поврзани новости