2.4K
Додека повеќето љубители на тетоважи најчесто тетовираат рози, скорпии, имињата на децата и на саканите, четириесет и осум годишниот Мирче Ризов своите тетоважи ги направил во чест на својот, како што вели, најголем идол во животот, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
Ризов ја направил првата тетоважа уште во 1998 година, веднаш до срцето, а на неа пишува ВМРО, а потоа, воодушевен од Груевски, пред четири години го истетовирал и неговиот лик, име и презиме и крст на својот грб.
,,Никола е мојот крал, и затоа никогаш не зажалив што му го истетовирав ликот! Верен сум му до гроб, нему и на партијата, тоа го пишува и под неговиот лик. Пред неколку години, случајно го сретнав во Кавадарци, се запознавме и му ги покажав тетоважите, му кажав дека го нарекувам ,,Кралот мој“. Тој само така срамежливо, како што секогаш умее, ми се поднасмевна, и си се заблагодаривме еден на друг. Дури и дома, се ми е во знакот на ВМРО, спијам со фотографијата на Никола над креветот. Кога ќе умрам, ќе си го однесам Никола со мене во гроб, а знам дека дури и десет години по смртта, тетоважите уште ќе ми стојат! Не е напразно кажано тоа – ВМРО до гроб“- вели Мирче, кој што работи на одржувањето на спортска сала во едно основно училиште во Неготино. Тој додава дека никогаш во животот не добил конкретна помош од Груевски или пак од неговата партија, но немал намера ниту да бара некогаш. Тетоважите биле направени од чиста љубов и верба, а не со цел да биде награден за нив.
На нашето прашање што планира да прави со тетоважите, односно дали ќе ги отстрани доколку Груевски ја напушти партијата, или пак биде обвинет за криминал и евентуално ако заврши во затвор, Ризов е категоричен:
,,Никогаш, ама баш никогаш нема да ги отстранам тетоважите со мојот крал! Што и да се случи, тој останува дел од мене! И во гроб ќе си го носам со мене неговиот лик!“- раскажа за ,,Фокус“, неготинчанецот.
Вики Клинчарова