Што се случи кога една огорчена и незадоволна нуклеарна сила, како Русија, одлучи да ја прекрши повелбата на ОН и да тргне во распарчување на една суверена земја? Се распадна системот на колективна безбедност. Всушност, разните интереси на државите ја урнаа теоретската конструкција наречена колективна безбедност
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Ѓаволот ја однесе шегата: светот навистина може да заврши во нуклеарна војна. Русија треба да загуби. Ако победи, можни се нови агресии, кои на крај ќе завршат со светска војна. Ако загуби, патот до трета светска војна е краток.
Во контекст на овие опасности, сосема е неважно што ќе пропадне и вториот експеримент со колективната безбедност по Лигата на народите – Обединетите нации.
Во основата на идејата за колективна безбедност како меѓународен систем е заканата до потенцијалниот агресор дека ќе се соочи со колективна акција на другите држави со цел тој да биде поразен.
Значи, на местото на променливите сојузи на „рамнотежата на сили“, која почива врз нестабилен еквилибриум и неизвесност, системот на колективната безбедност го соочува потенцијалниот агресор со моќта на „целиот свет“.
ВЕТОТО КАКО БУШОН
Концептот на колективната безбедност беше ставен на проба со основањето на Лигата на народите, на крајот на Првата светска војна. Претседателот на Америка, Вилсон е идејниот творец на колективната безбедност, но без поддршка од американскиот Конгрес, Америка остана надвор од првата светска организација.
Кога во 1931 година Јапонија ја зазеде Мачурија, големите сили, Велика Британија и Франција, не му се спротивставија на агресорот. Истото се случи кога Италија ја окупира Етиопија во 1935. Непочитувањето на словото на Повелбата значеше и смрт на Лигата на народите.
Со Хитлеровата девиза „сите Германци во една држава“ почна прекројувањето на границите на Европа, а со тоа и Втората светска војна. На крајот од војната, претставници на 51 држава во светот се собраа на своевиден поправен испит. Во 1945 година, во Сан Франциско почнува уште „еден експеримент што ветува“ – создадена е нова светска организација, која е наречена Обединети нации.
Овојпат, Америка, заедно со другите големи сили (СССР, Кина, Велика Британија и Франција), ја вложуваат својата моќ во новиот проект. Во настојување да ги отклонат слабостите на Лигата на народите, сите бараа „мир со заби“, значи организација што може да му се спротивстави на потенцијалниот агресор.
И на ниво на декларација сѐ беше во ред. Но, кога концептот се доближи до реалноста, се виде дека не е можен систем на колективна безбедност доколку заканата по светскиот мир доаѓа од големите сили. Тоа сознание, имено, дека организацијата не може да преживее конфликт меѓу големите сили е основната причина за воведувањето на институцијата наречена вето.
Правото на вето во Советот за безбедност може да се спореди со бушон во електриката – намерно создадена слаба точка во струјното коло за да не изгори куќата. Системот функционираше некако повеќе од седумдесет години. Дали агресијата на Русија врз Украина го означи крајот на ОН? Куќата секако се запали. Прашање е само дали ќе изгори.
ФАКТ НА ЖИВОТОТ
Но, и пред овој чин на агресија, развојот на воената технологија во последниве седумдесет години влијае врз концептот на колективната безбедност. Има мислење дека тој е замислен за едно веќе изминато време.
Тоа е времето на класичните армии со конвенционално оружје, кога на подготовките за агресија на една држава, преку мобилизација на своите економски и воени ресурси, ѝ се спротивставува соодветна колективна акција на другиот дел од светот. Здружената акција на човештвото, вели концептот, би можела да го одврати агресорот од своите намери.
А како е тоа денес? Дали во времето на ракети, проектили, атомски и хидрогенски бомби, заедно со бројни софистицирани машини за уништување, нешто е изменето, кога се работи за применливоста на концептот на колективната безбедност?
Дали силата што ги поседува сите овие оружја може да биде заплашена од заканата за колективна акција на членовите на ОН? Се чини дека брзината со која една држава може да биде уништена од нуклеарна сила, не дозволува време за подготовка на колективна акција. Или, доколку таква акција против голема сила се преземе пост фестум, тогаш тоа е почеток на светски судир, не на негово спречување.
Зашто, да не заборавиме, вредноста на колективната безбедност е во спречувањето светска војна преку колективна закана против потенцијалниот агресор. Тоа претпоставува бланко поддршка на сите земји-членки на ОН на секоја потенцијална жртва на агресија, било тоа голема или мала држава. Меѓутоа, реалноста покажува на еден сериозен проблем.
Имено, политичарот не сака да дава бланко поддршка. Тој сака да има одврзани раце во проценувањето на карактерот на меѓународната криза, на последиците што таа ќе ги има врз неговата држава и, се разбира, како тоа кореспондира со националниот интерес на неговата земја.
Фактот дека државниците не се подготвени да ја жртвуваат внимателната анализа на секој конкретен случај за апстрактниот принцип наречен колективна безбедност не ги прави неморални како луѓе. Едноставно, тоа е така. Тоа е, што би рекле, факт на животот.
НУКЛЕАРЕН ХОЛОКАУСТ
Ова е еден мал дел од лекцијата за колективната безбедност што ја предавав пред моите студенти на Правниот факултет. Чиста теорија, би рекле. Но, не било така. Наеднаш, години подоцна, се случува агресијата на Русија врз Украина и сето кажано може да биде илустрирано со реалното поведение на државите и нивните политичари.
Уценувајќи го светот со нуклеарно оружје, големата нуклеарна сила, Русија, реши да ја нападне и да ја окупира Украина. Употребата на конвенционално оружје даде време да се следи целата подготовка на трупање оружје и војници на границите кон Украина. Сите станаа свесни за она што го чека светот.
Според системот на колективната безбедност, во моментот кога се случи нападот, сите други членки требаше да ѝ објават војна на Русија. Но, тоа не се случи. Овојпат со добра причина: да се избегне нуклеарен холокауст.
Во допир со реалноста, теоретскиот систем на колективна безбедност ги покажа сите свои слабости како гарант на мирот, вклучувајќи ја и онаа дека не е можна колективната безбедност ако заканата по мирот доаѓа од некоја од големите сили.
Оттаму и тврдењето на Кисинџер дека светскиот мир е можен само кога големите сили се задоволни со статус квото. Оттаму и неговата акција за воведување на Кина во светската политика, во седумдесеттите години на минатиот век.
Што се случи кога една огорчена и незадоволна нуклеарна сила, како Русија, одлучи да ја прекрши повелбата на ОН и да тргне во распарчување на една суверена земја? Се распадна системот на колективна безбедност. Всушност, разните интереси на државите ја урнаа теоретската конструкција наречена колективна безбедност.
Вистина, Америка вложи огромни финансии и организира коалиција на држави што ќе застанат во поддршка на жртвата, но, пресметувајќи го својот интерес, да го поштеди својот народ, па и светот од нуклеарна војна, ја отфрли директната конфронтација со Русија.
Под нејзино водство се оствари досега невидено единство на демократските држави, а на НАТО му се врати смислата на неговото постоење.
ГЕОПОЛИТИЧКА ГЛУПОСТ
Геополитичката глупост на Путин резултираше со членство и на традиционално неутрална Финска во НАТО и 1.300 километри заедничка граница. Спротивставувајќи ѝ се на нуклеарната уцена на агресорот, Америка одговори ладнокрвно со порака: ако сакате нуклеарна војна, сами почнете ја.
Во меѓувреме, веќе се појавија анализи дека и нуклеарниот ракетен систем на Русија ќе се покаже исто толку неефикасен како и оној со конвенционално оружје. Но, подготовките за конфронтација продолжија преку престројувањето на моќта во меѓународни рамки.
Кина го искористи моментот за да прокламира пријателство „без граници“ со Русија и да го зајакне својот притисок врз Америка за отцепениот остров Тајван.
Во обид да се избегне катастрофа, Макрон се обидува да ја одлепи Кина од Русија, а Кина се обидува да ја одлепи Франција од Америка. Согласно теоријата дека политичарот го брани интересот на својата земја, Макрон вели дека не е „вазал“ на Америка и дека него, не го засега конфликтот околу Тајван.
Шансите Доналд Трамп да биде избран за претседател на Америка по вторпат само го зајакнуваат чувството кај европските демократии дека мораат да мислат со своја глава. Конечно, сите ние сме во сојуз на демократии, а не во Варшавски пакт и никој не треба да биде вазал.
Но, не мислат сите така. Некои мислат дека Европа треба беспоговорно да ги следи САД. Американски сенатор бара повлекување на нивната поддршка за Украина и оставање проблемот да го реши Европа.
Забележувам дека никој веќе не ја спомнува Организацијата на Обединетите нации, која е задолжена за зачувување на светскиот мир преку концептот на колективната безбедност.
Но, како што заклучиле основачите на светската организација, колективната безбедност, главната задача на ОН, не е можна, ако светскиот мир го загрозува некоја од големите сили.
Можеби НАТО ја доби, но ОН ја губи смислата на своето постоење. Светот се соочува со нови дилеми. Потребни се нови одговори.